🎥 Атрактивниот цепелин на Манасков и Радивојевиќ во ТОП 5 голови на колото во ЛШ

|
19:50

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер во рамки од 8. коло во Лигата на шампионите одигра реми против Фредериција, 29:29.

Еден од погодоците на пелистерци против данскиот вицепрвак се најде во изборот на медиа тимот на ЕХФ за ТОП 5 на 8. коло.

Атрактивниот цепелин во режија на Дејан Манасков и Богдан Радивојевиќ беше рангиран на третото место.

Пелистерци во следното, 9. коло од европската елита ќе гостува кај унгарскиот гигант Веспрем.

Познат ростерот на Швајцарија – на ЕП со ветеранката Бруш, ќе играат Шмид, Еменегер, Гаучи…

Автор: Душко Андов
| 22 ноември 2024
10:43

Селекторот на женската репрезентација на Швајцарија, Кнут Ове Јоа, ги одреди 18 ракометарки што ќе играат на домашното ЕП.

Капитенката Керстин Кундиг се враќа во ростерот откако ги пропушти претходните две акции во септември и октомври. Покрај Кундиг, на списокот на Јоа има уште осум интернационалки, а меѓу нив е и пикерот со славно презиме – Табеа Шмид од данскиот Копенхаген.

Тука е 40-годишната голманка Мануела Бруш, па младата Миа Еменегер од норвешкиот Кристијансанд, Дафне Гаучи…

Швајцарките ќе одиграат две контролни средби со селекцијата на Исланд, денеска и в недела.

Домаќинот на ЕП е во група со Фарски Острови, Данска и Хрватска, и ќе има шанса за прогрес во главната рунда.

Македонија поразена од Хрватска на „Кроација Куп“

Автор: Влатко Мирчески
| 22 ноември 2024
17:30

Женската сениорска репрезентација на Македонија беше поразена од Хрватска со 26:18 во рамки од турнирот „Кроација Куп“ кој се одржува во хрватскиот град Новиград.

Покрај лошата реализација, денеска свој ден немаа ниту голманките, Мицевска (0/11), Петковска (0/9), а младата Чурлиновска во дадената минутажа успеа да одбрани три удари на противничките.

Избраничките на Ивица Обрван од самиот старт наметнаа свое темпо и константно беа во предност, во неколку наврати Македонија се закануваше, но немаше сили за камбек, па така Хрватска ги казнуваше речиси сите грешки на нашата репрезентација.

Домаќинките на полувреме заминаа со предност од 14:8 и рутински ги одработија вторите 30 минути, во кои немаше поголема промена на теренот.

Најефикасна во Македонија беше Ива Младеновска со три гола, останатите, кои се запишаа во листата на стрелци, имаа по два и еден гол.

Македонија утре, во истиот термин, 16:00 часот силите ќе ги одмери со Србија. Дуелот со северниот сосед ќе биде последниот тест пред настапот на Европското првенство во Дебрецин.

Ракометарките на Македонија во рамки од групната фаза за ривали ги имаат репрезентациите на Шведска, Унгарија и Турција на континенталниот собир, а најдобрите две ќе продолжат во главната фаза.

Мицевска: Сите знаеме зошто сме тука – ќе дадеме се од себе на ЕП

Автор: Душко Андов
| 20 ноември 2024
11:30

Женската репрезентација на Македонија ги одработува последните подготовки за настапот на Европското првенство во Унгарија, Австрија и Швајцарија.

Голманката Јована Мицевска вели дека атмосферата е на високо ниво, дека сите ракометарки се свесни за важноста на големиот настан.

„Ни останаа уште неколку дена за подготовки за настапот на ЕП. Имаме два меча против Хрватска и Србија. Во ваков период секој контролен натпревар е добредојден бидејќи ни претстои настап на големо натпреварување. Атмосферата е на високо ниво, сите ракометарки знаат зошто се тука и амбициите се големи. Во модерниот ракомет никогаш не се знае, ќе дадеме се од себе и се надеваме на позитивни резултати“, вели Мицевска.

Македонија го отвора настапот на ЕП со натпревар против Шведска на 28 ноември, потоа на 30 ноември следува меч со Турција, додека на 2 декември ќе се соочиме со домаќинот Унгарија.

Ристески: Поразите се минато, сега одиме напред и посакуваме победа против Радовиш

Автор: Душко Андов
| 22 ноември 2024
13:18

Ракометарите на Охрид по поразот од „сино-белите“ од Автокоманда, на домашен терен го пречекуваат составот на Радовиш.

Левото крило Никола Ристески очекува добра игра на неговата екипа како на првиот меѓусебен натпревар и победа против радовишани.

„Очекуваме победа на овој натпревар. Како што изигравме таму на почетокот на сезоната, посакувам исто да биде и тука. Мора да влеземе борбено во натпреварот, да одиграме машки како што знаеме ние и да продолжиме со победи. Поразите од двата скопски тима се веќе зад нас и минато, сега одиме само напред. Ги респектираме сите екипи, меѓу нив и Радовиш, но бодовите ќе останат во Охрид“, вели Ристески.

Натпреварот меѓу Охрид и Радовиш се игра утре во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток во 15:00 часот.

Познат конечниот список – еве кои македонски „лавици“ ќе играат на ЕП

Автор: Влатко Мирчески
| 21 ноември 2024
10:45

До почетокот на Европското првенство 2024, кое ќе се одржи во Унгарија, Швајцарија и Австрија, преостануваат уште седум дена.

Во Дебрецин ќе патуваат 19 ракометарки, а селекторот Кристијан Грчевски нема да може да смета на повредените, искусниот кружен напаѓач Ивана Гакидова и универзалниот бек Борјана Коцева.

На 28 ноември ќе започне 16. издание на Европското првенство во женска конкуренција, на кое еден од 24-те учесници ќе биде и репрезентацијата на Македонија.

Своето учество на Европското првенство, Македонија го обезбеди преку квалификацискиот циклус, освојувајќи го 2 место во група со Шпанија, Азербејџан и Литванија.

Состав на Македонија:
Матеа Чурлиновска, Драгана Петковска, Јована Мицевска, Сара Ристовска, Ивана Арсениевска, Ивана Џатевска, Симона Маџовска, Бојана Диневска, Јована Саздовска, Ива Младеновска, Ана Марија Коларовска, Јована Кипријановска, Андреа Седлоска, Елена Ѓорѓиевска, Сара Стефаноска, Теодора Дукоска, Марија Јанкуловска, Катерина Дамјановска и Нена Нестороска.

Македонија на Европското првенство ќе игра во група со еден од домаќините, репрезентацијата на Унгарија, потоа со еден од фаворитите за висок пласман – Шведска и со незгодната Турција.

Првиот натпревар Македонија ќе го одигра на 28 ноември против Шведска, два дена подоцна, односно на 30 ноември, избраничките на Грчевски ќе ги одмерат силите со Турција, додека последниот натпревар од групната фаза ќе го имаат со Унгарија на 2 декември.