Македонија поразена од Хрватска на „Кроација Куп“

|
17:30

Женската сениорска репрезентација на Македонија беше поразена од Хрватска со 26:18 во рамки од турнирот „Кроација Куп“ кој се одржува во хрватскиот град Новиград.

Покрај лошата реализација, денеска свој ден немаа ниту голманките, Мицевска (0/11), Петковска (0/9), а младата Чурлиновска во дадената минутажа успеа да одбрани три удари на противничките.

Избраничките на Ивица Обрван од самиот старт наметнаа свое темпо и константно беа во предност, во неколку наврати Македонија се закануваше, но немаше сили за камбек, па така Хрватска ги казнуваше речиси сите грешки на нашата репрезентација.

Домаќинките на полувреме заминаа со предност од 14:8 и рутински ги одработија вторите 30 минути, во кои немаше поголема промена на теренот.

Најефикасна во Македонија беше Ива Младеновска со три гола, останатите, кои се запишаа во листата на стрелци, имаа по два и еден гол.

Македонија утре, во истиот термин, 16:00 часот силите ќе ги одмери со Србија. Дуелот со северниот сосед ќе биде последниот тест пред настапот на Европското првенство во Дебрецин.

Ракометарките на Македонија во рамки од групната фаза за ривали ги имаат репрезентациите на Шведска, Унгарија и Турција на континенталниот собир, а најдобрите две ќе продолжат во главната фаза.

Вардар пушти билети во продажба – гледајте суперлигашко дерби и европски меч по популарни цени

Автор: Душко Андов
| 21 ноември 2024
14:45

Тимот на Вардар ги пушти во продажба билетите за претстојните два натпревари што го очекуваат „црвено-црниот“ тим во следните три дена.

За суперлигашкото дерби против „сино-белите“ од Автокоманда што е закажано за в недела од 19:00 часот во СЦ „Јане Сандански“, има билети по цена од 200 и 300 денари во зависност од местото на седење во салата.

За последниот натпревар од Лигата на Европа против германскиот Мелсунген, што е закажан за 20:45 за во вторник во СЦ „Јане Сандански“, има билети по цена од 300 и 400 денари во зависност од местото на седење во салата.

Вардар нуди и блок-билети за двата меча, што ќе се продаваат по цена од 350 и 450 денари во зависност од местото на седење. Сите информации за продажбата на билетите ги имате ТУКА.

Запознајте го ривалот на Чаир – Славија Прага со македонски шмек и две чешки репрезентативки

Автор: Душко Андов
| 20 ноември 2024
14:44

Тимот на Чаир остана единствен женски претставник на Македонија во европските купови, а следен ривал во осминафиналето на Европскиот Куп на избраничките на Басри Љатифи ќе им биде чешкиот тим Славија Прага.

Станува збор за еден од најстарите чешки клубови формиран во 1919 година, кој има вкупно 15 титули. Седум од нив се освоени во поранешната држава Чехословачка, додека осум по осамостојувањето, последната во 2023 година.

Покрај во чешкото првенство, Славија Прага, настапува и во МОЛ регионалната лига, заедно со словачките клубови. Во првиот дел од сезоната се дел само од регионалната конкуренција, а досега на десет одиграни меча билансот на тимот од Прага е седум победи и три порази, што е доволно за четвртото место на табелата. До одигрувањето на натпреварите против Чаир, Славија Прага ќе има уште два меча од МОЛ лигата против Јувента Михаловце и Злин.

Во актуелниот ростер на Славија Прага има само две интернационалки, нашата Ангела Јанкуловска и Црногорката Александра Базовиќ, додека сите останати се домашни ракометарки. Две од нив – средниот бек Јулија Франкова и левиот бек Симона Шреибмериова, се репрезентативки на Чешка и ќе играат на Европското првенство.

Станува збор за клуб што игра во европските купови по 19 пат, а четири пати во минатото беше дел од квалификациите за Лигата на шампионите, но секогаш беше елиминиран уште на првата пречка. Играше и во некогашниот Челинџ Куп, потоа во Купот на победнициите на Куповите, како и ЕХФ Купо, а континуирано во Европа игра од сезоната 2016/17.

Најдалеку дотурка во ЕХФ Купот во сезоната 2000/01, кога играше во полуфиналето, но беше елиминирана од Подравка. Ова нема да биде прв двобој со екипа од Македонија за Славија Прага, откако во ЕХФ Купот во сезоната 2019/20, го елиминира Куманово на два меча во Македонија, со победа од 31-24 и со пораз 27-23.

Оваа сезона Славија Прага го елиминира словенечкиот Млинотест Ајдовшчина со две победи, 34-30 и 29-26, додека во третото коло беше подобра од италијанскиот Салерно со победа од 32-20, и пораз на вториот меч со 32-29.

Чаир и стручниот штаб на тимот најголемо внимание треба да обрнат на триото – бековите Симона Шреибмеирова и Вероника Холечкова, како и крилото Адријана Мишова. Шреибмеирова има досега постигнато 38 гола на четири меча и е убедливо најдобар стрелец во тимот, додека Холечкова и Мишова постигнаа по 19 погодоци. Интересно е што и двете голманки – Базовиќ и Мала постигнуваа погодоци на четири досегашни дуели во Европа.

Станува збор за неатрактивен, а незгоден ривал, па на Чаир сигурно нема да му биде лесно, но и чешкиот ривал сигурно не е задоволен од тоа што ќе мора да гостува во Скопје. Шансите се еднакви за двете екипи, Чаир докажа дека може да игра против европските екипи и сигурно ќе атакува на надминување на историскиот клупски успех – а тоа би било пласман во четвртфиналето.

Првиот натпревар треба да се игра на 11/12 јануари во Прага, додека реваншот во Скопје на 18/19 јануари.

Ристески: Поразите се минато, сега одиме напред и посакуваме победа против Радовиш

Автор: Душко Андов
| 22 ноември 2024
13:18

Ракометарите на Охрид по поразот од „сино-белите“ од Автокоманда, на домашен терен го пречекуваат составот на Радовиш.

Левото крило Никола Ристески очекува добра игра на неговата екипа како на првиот меѓусебен натпревар и победа против радовишани.

„Очекуваме победа на овој натпревар. Како што изигравме таму на почетокот на сезоната, посакувам исто да биде и тука. Мора да влеземе борбено во натпреварот, да одиграме машки како што знаеме ние и да продолжиме со победи. Поразите од двата скопски тима се веќе зад нас и минато, сега одиме само напред. Ги респектираме сите екипи, меѓу нив и Радовиш, но бодовите ќе останат во Охрид“, вели Ристески.

Натпреварот меѓу Охрид и Радовиш се игра утре во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток во 15:00 часот.

ПИК Сегед со одлично второ полувреме до победа над Келце, Барса сигурна на свој терен

Автор: Влатко Мирчески
| 21 ноември 2024
22:32

Екипата на ПИК Сегед повторно успеа да го надигра полскиот шампион Келце, сега на гостински терен славеше со 35:31 и со новите два бода го презеде второто место во групата Б.

На првиот натпревар, кој беше одигран во рамки од 7. коло, тимот на ПИК Сегед славеше минимално со 28:27.

Иако домаќинот беше подобар во првиот дел, на пауза замина со 19:17, гостите од Сегед со одличната игра во вториот дел дојдоа до пресврт и два важни бода.

Предводник во победничката екипа беше Марио Шоштариќ со шест гола, а кај поразениот табор се истакна Аркадиуш Морито со седум реализации.

Иако Нант пружи отпор, актуелниот шампион Барселона не дозволи да има изненадување, триумфираше со шест гола разлика, 36:30 (19:14).

Гостите во своите редови имаа неколку расположени ракометари за игра, Жулиен Бос (осум гола), Ајмерик Мин (шест гола) и Николас Турна (четири гола), но тоа не беше доволно за поволен резултат на гостувањето кај актуелниот шампион.

ПозЕкипаНПРЛБ.
1БАРСА761013
2ПИК СЕГЕД850310
3НАНТ84139
4АЛБОРГ84139
5КЕЛЦЕ83056
6КОЛСТАД83056
7МАГДЕБУРГ72145
8ППД ЗАГРЕБ82064

Најдобриот стрелец од СП во Македонија ќе биде скриен адут на Црна Гора

Автор: Влатко Мирчески
| 21 ноември 2024
17:59

Најдобриот стрелец од Светското младинско првенство во Македонија, Јелена Вукчевиќ, која е еден од најголемите таленти во светот, би требало да добие голема минутажа на претстојното Европско првенство, кое ќе започне за десет дена.

Една од поискусните репрезентативки на Црна Гора, Јелена Радивојевиќ, нема да настапи на континенталниот собир од приватни причини, па така селекторот Лазовиќ на десната бековска позиција ќе ги има на располагање Ѓурѓина Маловиќ, Катарина Џаферовиќ, Тања Ивановиќ и Јелена Вукчевиќ.

Токму 19-годишната Вукчевиќ игра во одлична форма во Лигата на шампионите, во досегашниот тек од сезоната има постигнато 42 гола и многу веројатно е дека ќе добие поголема предност пред останатите три десни бека.

Талентираната ракометарка на Светското младинско првенство во Македонија го понесе епитетот најдобар стрелец, откако младинскиот Мундијал го заврши со 74 гола.

Црна Гора во групната фаза на ЕП за ривали ги има репрезентациите на Србија, Романија и Чешка. Најдобрите две репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во главната фаза.