Еурофарм Пелистер освои нов бод – драмата со Фредериција заврши реми

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер ремизираше против Фредериција, 29:29, во натпревар од 8. коло од Лигата на шампионите. Избраниците на Алонсо имаа напад за два бода, но гостите се одбранија во финишот од средбата. На првото соочување меѓу двете екипи, победи Еурофарм Пелистер со 25:23.

По нерешените 4:4, тимот од Данска со два гола во низа за првпат успеа да се одлепи на ,,плус два” 6:4. До средината на првото полувреме голманот Никола Митревски беше без интервенција, додека на спротивната страна Торстен имаше две.

Фредериција некако успеаваше да ја сочува предноста, иако ниту тимот од Данска не играше најидеално, по 15 минути успеа да зголеми до дотогаш највисоките плус три, 10:7. Откако Митревски не можеше ништо да одбрани, тренерот Алонсо одлучи да направи замена, па во игра влезе вториот голман Филип Ивиќ, кој имаше само една интервенција за петнаесетина минути.

Во последните десет минути од првото полувреме пелистерци никако не можеа да дојдат до израмнување, не ги искористуваа грешките на ривалот, па така Фредериција константно беше во предност, но без голема комоција во играта, водеше со два до четири гола разлика. Гостите ја сочуваа стекнатата предност и на пауза заминаа со 16:13.

Откако Фредериција поведе со 17:13 на стартот на вториот дел, домаќините направија мини серија и намалија на 17:15 во 35 минута. За камбек во натпреварот недостасуваа одбраните на голманот. Ракометарите на македонскиот шампион намалија на 20:19 во 40 минута, а предноста на Фредериција во 45 минута остана иста, 21:20.

Домаќинот имаше шанса за израмнување, но искусниот Манасков погреши, па така гостите казнија за 22:20. Следуваа погодоците на Пешевски и Радивојевиќ за 22:22 во 47 минута и од тој момент Еурофарм Пелистер влезе во игра за победа. До крајот секој напад беше важен, а пелистерци, по нерешените 23:23, со голот на Кузмановски за првпат поведоа, 24:23, но гостите веднаш возвратија за 24:24.

Во последните десет минути се влезе со нерешен резултат, 25:25, се играше гол за гол, пелистерци наместо на два разлика, дозволија ривалот да израмни, 27:27, а на три минути пред финишот Фредериција со два гола во низа го презеде водството, поведе со 29:28. Еурофарм Пелистер израмни на 29:29, гостите не реализираа напад, но ниту домашниот тим не успеа да дојде до гол во последните секунди, па нерешениот резултат е најреален исход од денешната средба.

Еурофарм Пелистер во следното, 9. коло од европската елита ќе гостува кај унгарскиот гигант Веспрем.