Ројевиќ: Од медиумите дознав дека сум сменет, Раул ќе заработува трипати повеќе од мене!

Во Србија се уште не се смирени страстите откако беше објавено дека Раул Гонзалес ќе биде нов селектор на местото на Борис Ројевиќ.

Начинот на кој се уште актуелниот селектор и јавноста дозна за ангажманот на шпанскиот стратег и екс селектор на Македонија, не му донесе ништо добро на националниот тим на Србија.

Ројевиќ во интервју за „Моцарт Спорт“ откри дека дознал од медиумите за смената.

„Дека сум сменет дознав од медиумите. Никој не ми се јави да ми соопшти. Кога го побарав генералниот секретар на РСС, го прашав за што се работи. Тој ми кажа дека немам поддршка од сојузот и дека нема повеќе да бидам селектор“, вели Ројевиќ.

Од РСС тврдат дека неговиот договор бил „штетен“ по сојузот.

„Мојот е штетен, а зошто не објават колку ќе заработува Раул. Тврдам дека сум еден од најслабо платените селектори во Европа, и дека мојот наследник ќе заработува три до четири пати повеќе. Чекам да ми предложат раскин на договорот, но до денеска никој тоа не го направи. Да е ситуацијата поинаква, сам би се повлекол. Со промената на луѓето во сојузот започна психичката тортура која траеше со месеци со поддршка на еден дневен весник. Бев избор на претходното раководство“, заврши Ројевиќ.

Раул ќе седне на клупата на Србија од 1 јули 2025, а дотогаш веројатно машката репрезентација која нема да игра на СП 2025 и ја чекаат уште четири меча од квалификациите за ЕП 2026 ќе има в.д. селектор.