Прволигашката конкуренција на стартот на оваа сезона требаше да брои 19 екипи. Но најпрво се откажаа две екипи, меѓу кои и некогашниот шампион Борец, па останаа 17 поделени во две групи. Но како тргна сезоната, прашање е дали сите екипи ќе го дочекаат крајот.
Не е тајна дека повеќе од половина прволигаши кубурат со финансии и живеат „од денес за утре“, очекувајќи ја државната помош, а два тима викендов не отпатуваа и не ги одиграа планираните и веќе закажани натпревари во прволигашката конкуренција.
Не се играше во Гевгелија, каде што домаќинот Партизан требаше да го пречека составот на Преспа Вардар, а не се одигра ниту натпреварот во Автокоманда, каде што составот на Металург РА требаше да се соочи со Кичево.
Сосема извесно е дека овие два меча нема да бидат презакажани и да добијат нов термин, па Ракометната федерација на Македонија ќе ги регистрира со службени победи за домаќините, додека Преспа Вардар и Кичево ќе добијат минус бод за неодигран натпревар.
Преспа Вардар досега нема освоено бод во групата Б, додека Кичево има една победа и едно реми, но и покрај тоа сосема извесно е дека двете екипи ќе играат во прволигашкиот плеј-аут.
Во текот на оваа сезона и во Женската лига имаше ситуација, кога гостинска екипа (Стружанка), не отпатува на гостувањето во Штип кај Астибо токму поради финансиските проблеми со кои се соочува, па штипјанки на „зелена маса“ ги освоија бодовите.