Тимот на Тиквеш запиша втор триумф по ред во суперлигашкото друштво, откако славеше на гостувањето кај новиот тим во елитата, Бисинов ФЛ, со убедливи 33-22. Кавадарчани уште во првиот дел го решија прашањето на победникот, а второто полувреме беше само рутинско одработување на задачата.
Избраниците на Кристијан Грчевски поведоа со 4-1, па 6-3, па домашниот стратег мораше да бара тајм-аут уште по седум минути игра. Тоа вроди со плод, велешани израмнија на 6-6, а беше и 7-7, но тоа беше се од нив.
По 10-9 за Тиквеш и по одличните интервенции на Игор Арсиќ, гостинските ракометари постигнаа шест гола во серија за 16-9 и практично тука ја потврдија планираната победа во Велес. На паузата беше 18-11 за кавадарчани.
Второто полувреме немаше жесток ритам, велешани пробуваа, но немаа ниту сили, а ниту желба за нешто повеќе и Тиквеш само рутински го доигра натпреварот за нови бодови кои им се неопходни за плеј-офот, додека домашните ќе треба да се подготвуваат за битките за опстанок.
За кавадаречкиот тим свое деби забележа и бекот Даниел Андоновски, кој неодамна потпиша за Тиквеш.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Кристијан Анастасовски и Срѓан Мијатовиќ со по шест гола, додека голманот Арсиќ имаше 17 одбрани. Во велешкиот состав се истакна Ончев со седум гола.