Ракометарките на Чаир со максимален ефект, 10 од 10, го завршија настапот во регуларниот дел од Женската лига.
Чаир во последното коло за ривал го имаше Астибо од Штип и одработи според посакуваното триумфирајќи со 30:27.
Астибо се покажа како добар ривал, во првиот дел на моменти водеше со 1-2 гола разлика, а домашниот тим победата ја обезбеди со подобрата игра во вторите 30 минути.
Тренерот Љатифи поради европскиот настап овој викенд, не сакаше да ризикува многу, па така поголемиот број од првотимките се штедеа.
Одлична партија во дресот на Чаир имаше младата Рона Мифтари, која постигна 12 погодоци, седум додаде Биљана Дамчевска.
Кај поразениот табор, стандардно, прво име беше Марија Анчева со 13 погодоци, а ја следеше Елена Вучевска со девет.
Натпреварите меѓу Чаир и Колехио Де Гаиа во рамки од 3. коло од Европскиот Куп се играат в сабота и недела во Автокоманда со почеток од 16:00 часот.