Раул Гонзалес и кажа(л) „ДА“ на Србија

Некогашниот стратег на Вардар, Раул Гонзалес, ќе биде новиот селектор на машката репрезентација на Србија од 2025 година.

Според „Моцарт Спорт“, шпанскиот стратег бил минатиот викенд на преговори со Ракометниот Сојуз на Србија, кои завршиле успешно, но многу веројатно, преземањето на репрезентацијата ќе се случи по завршувањето на договорот меѓу Раул и ПСЖ.

Шпанецот има договор со ПСЖ до 2025 година, а веројатно по седум сезони ќе си замине од Париз, додека РСС сака да има селектор професионалец кој ќе работи само со националниот тим, а не и во клуб.

Поради овој факт, РСС иако планираше да му даде отказ на актуелниот селектор Борис Ројевиќ, мораше да го остави на клупата за овој циклус од квалификациите за ЕП 2026.

Интересна ситуација се случила викендот во саботата, кога Раул заминувал од Белград, а на аеродромот биле и репрезентативците на Србија и стручниот штаб на чело со Ројевиќ. Летовите за Рим и Париз биле во приближно исто време, згора на тоа и гејтовите биле близу еден до друг, па средбата била неизбежна.

На Ројевиќ сигурно не му било пријатно да го дознае ова, но можеби и оваа „средба“ беше меѓу причините што Србија загуби од Италија со 31-30, иако имаше водство во последните три минути со 30-28.