Словенија со победнички старт, Полска во последните секунди се спаси од голем срам

Денеска продолжија квалификациските натпревари за Европското првенство 2026, кое ќе се одржува во Данска, Норвешка и Шведска.

Во групата 1, во која се наоѓа Македонија, денеска играа Словенија и Литванија, а овој дуел го добија избраниците на Урош Зорман кои триумфираа со 36:25.

Балтичката земја парираше колку што можеше, даде отпор во првите 30 минути, на полувреме имаше негатива од минус два, 17:15, a во вториот дел домаќините се разбудија и со одличната игра успеаја да дојдат до убедлив триумф.

На денешниот натпревар против Литванија настапија двајцата ракометари на Еурофарм Пелистер, Нејц Цехте и Домен Тајник.

Цехте беше еден од подобрите, натпреварот го заврши со три реализации од четири обиди, додека Домен Макуц и Алекс Влах беа предводници во победничката репрезентација, двајцата постигнаа по седум погодоци.

Израел одигра одлично против Полска, иако беше голем аутсајдер, успеа да се избори за голем бод, откако по 60 минути борба натпреварот заврши без победник, 32:32.

На полувреме Израел имаше предност од 16:12 и во вториот дел до 58 минута одржуваше позитива. Полска со гол на дваесетина секунди пред крајот не дозволи да има комплетна сензација.

Квалификации за ЕП 2026, 1. коло, резултати:
ГРЦИЈА – ГРУЗИЈА 27-26
ЧЕШКА – ЛУКСЕМБУРГ 23-17
ЦРНА ГОРА – ФИНСКА 29-28
СРБИЈА – ЛЕТОНИЈА 38-25
УНГАРИЈА – СЛОВАЧКА 37-32
ФАРСКИ ОСТРОВИ – КОСОВО 32-21
МАКЕДОНИЈА – ЕСТОНИЈА 37-33
ИСЛАНД – БИХ 36-22
ШПАНИЈА – ИТАЛИЈА 31-30
АВСТРИЈА – ТУРЦИЈА 31-28
ХРВАТСКА- БЕЛГИЈА 30-23
ПОЛСКА – ИЗРАЕЛ 32-32
СЛОВЕНИЈА – ЛИТВАНИЈА 36-25
18:30 ГЕРМАНИЈА – ШВАЈЦАРИЈА
19:30 ХОЛАНДИЈА – УКРАИНА
20:00 ПОРТУГАЛИЈА – РОМАНИЈА