Каписода: Ако Динар добие понуда од Франција – ќе го пуштиме да си оди

Претседателот на Ракометната федерација на Црна Гора, Петар Каписода, откри за тамошните медиуми детали околу договорот со францускиот стратег Дидие Динар.

Двократниот олимписки првак работи на клупско ниво во Иври, но се согласи да ја предводи Црна Гора во новиот циклус квалификации.

„Динар има исти финансиски услови како и неговиот претходник. Разликата е во тоа што му дозволивме да работи во клубот Иври. Има некои федерации, кои сакаат да имаат селектори кои не работи на друго место. Динар ги прифати нашите услови и не постави свои. Има само еден детал – договорот е потпишан на две години, иако ние сакавме да биде на подолго. Плус имаме договор – ако повторно добие понуда да биде селектор на Франција, тогаш мора да го пуштиме“, изјави Каписода.

Црна Гора стартуваше со тешка победа на Финска во првото коло, а во втората рунда од квалификациите за ЕП 2026 гостува кај Словачка.