Им донесе злато и ги однесе на СП, а сега доаѓа во Вардар

Аргентинскиот стратег Гиљермо Милано на најубав можен начин ги заврши обврските со аргентинската репрезентација и претстојната недела треба да го преземе Вардар.

Милано по завршувањето на обврските со сениорската репрезентација беше предводник и на младинците со кои го освои првото место на првенството во Средна и Јужна Америка.

На турнирот што се одигра во Никарагва, Аргентина најпрво во групата ги совлада Венецуела, Гватемала и Чиле, а потоа во полуфиналето беше подобра од Уругвај.

Во финалниот натпревар против Бразил, „гаучосите“ на Милано славеа со 26-25, иако губеше со шест гола разлика на петнаесетина минути до крајот.

Со пласманот во финалето, Аргентина обезбеди место и на младинското Светско првенство 2025 во Полска, но таму ќе има нов селектор.