Шокантен пораз за Нексе

По елиминацијата од Лигата на Европа, ракометарите на Нексе, доживеаја шокантен пораз во хрватскиот шампионат.

Избраниците на Крешо Иванковиќ загубија на гостувањето кај Спачва Винковци со 28-27, откакo на паузата водеа со 16-14.

Во финишот исто така имаа предност со 24-22, но дозволија домашните да направат серија и да поведат со 28-25, за Мославац со двата гола во последната минута да го ублажи поразот.

Штрлек беше во составот, но не играше, додека Доленец постигна само еден гол, а најрасположен за игра беше Лучин со осум гола, но ниту тоа не беше доволно за позитивен резултат.

Нексе формираше и сезонава добар ростер, но како играат момците од Нашице, тешко дека ќе му бидат вистинска конкуренција на Загреб, кој исто така има проблеми во Европа, но кога се работи се домашното првенство има седум од седум.