Ракометарите на Пролет остварија важна победа на гостувањето кај Радовиш со 28-20 и ја продолжуваат борбата за суперлигашкиот плеј-оф. Гостите по првиот дел го најавија победникот на овој дуел, а го потврдија на стартот на вториот дел кога поведоа со 11 голови разлика. До крајот не форсираа и само рутински ја одработија задачата.
Јанковски донесе водство за радовишани со 1-0, а потоа Пролет со серија од пет голови ја презема контролата и поведе со 5-1. Домашните немаа решение за десниот бек на Пролет, Бакар, кој најчесто погодуваше во мрежата.
Избраниците на Александар Јовиќ имаа и плус шест, 11-5, а таквата предност ја задржаа до паузата, на која се замина со 14-8. На стартот на второто полувреме беше 21-10 и веќе немаше дилеми околу победникот на овој натпревар.
Домашните десет минути без без погодок, потоа врзаа два по ред преку Ончев и Постолов, имаа шанси за уште повеќе да намалат, но тоа не го дозволи голманот Даскаловски и Пролет одигра рутински до крајот.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Бакар со осум гола, како и Андоновски и Димковски со по пет гола, додека кај Радовиш, Постолов погоди четири пати, а Јанковски три.
Сега Пролет има осум бода што е доволно за седмото место, но трката за плеј-офот ќе продолжи и понатаму. Радовиш, пак, останува последен без ниту една победа досега во сезоната.