Женската репрезентација на Македонија ја очекува настапот на Европското првенство во Унгарија, Швајцарија и Австрија, а градот Дебрецин ќе биде „домаќин“ на нашите ракометарки од 28 ноември.
Меѓу репрезентативките кои имаа значајна улога во квалификациите за ЕП 2024 е левиот бек Андреа Седлоска, која даде 23 гола.
„Квалификациите за ЕП 2024 беа значајни за мене, а тоа искуство ми помогна да растам како играч и да ја билдам мојата самодоверба“, вели Седлоска.
Македонија ќе биде во група со еден од домаќините на ЕП – Унгарија, како и Шведска и Турција.
„Оваа група носи предизвици и можности. Шведска е силен ривал, дисциплиниро игра и има добро балансиран состав. Имаат одлична одбрана и се многу ефикасни од транзиција. Унгарија има богата традиција и секогаш е тежок ривал, особено кога имаат поддршка од фановите, додека Турција има значаен раст во последните неколку години и може да биде непредвидлива. Имаат талентирани играчи што можат да го сменат текот на мечот набрзина. Ние мора да бидеме подготвени за се и да се адаптираме. Очекувам секој меч да биде предизвик, и посакувам позитивни резултати. Верувам дека имаме шанси да се пласираме во главната рунда. Ако се фокусираме на планот, играме со самодоверба и се поддржуваме една со друга на теренот, тогаш сметам дека можеме да оствариме тоа што го сакаме.“, продолжи Седлоска.
Нејзин татко е легендарниот македонски фудбалер Гоце Седлоски.
„Да имаш татко како Гоце, кој имаше блескава кариера како фудбалски репрезентативец, ми значи многу. Тоа е голем извор на инспирација и гордост, бидејќи доаѓам од семејство со богата спортска традиција. Неговите посветеност и достигнувања ме мотивираат да се стремам кон најдоброто во мојата кариера. Иако секако има одредено ниво на притисок да се оправдаат тие очекувања, јас се обидувам да го гледам како позитивен предизвик, а не како товар. Ја користам таа мотивација за да се туркам себеси да се подобрувам секој ден и да го почитувам наследството на моето семејство. Сакам да придонесам за нашиот успех на меѓународна сцена. Кариерата на татко ми ме потсетува дека напорната работа, упорноста и страста можат да доведат до големи нешта, а јас имам за цел да ги почитувам тие вредности додека трае мојата кариера“, заврши Седлоска.
Целосното интервју со Седлоска може да го прочитате ТУКА.