„Доминација“ на судиите од Македонија – четири двојки ќе судат во квалификациите за ЕП 2026

Eвропската ракометна федерација ги делегираше официјалните лица за натпреварите од квалификациите за Европското првенство во 2026 година.

Дури четири двојки од Македонија и двајца делегати ќе бидат со евро-активности во следната ЕХФ недела.

Димитар Митревски и Благојче Тодоровски ќе го судат мечот меѓу Грузија и Исланд што ќе се игра во Тбилиси на 10 ноември во групата 3.

Методија и Михајло Илиевски патуваат во Јелгава, каде ќе бидат арбитри на дуелот меѓу Летонија и Шпанија што ќе се игра на 10 ноември во групата 4.

Даниело Божиновски и Виктор Начевски ќе го судат натпреварот меѓу Чешка и Луксембург од групата 5, што ќе се игра на 6 ноември во Прага. Делегат на овој двобој ќе биде Ацо Николовски.

Марјан Начевски, пак ќе биде делегат на мечот од групата 6 меѓу Косово и Холандија, што е закажан за 10 ноември во Приштина.

Исмаил Металари и Ненад Николовски се делегирани на натпреварот од групата 7 меѓу Турција и Германија, што ќе се игра во Анкара на 10 ноември.