Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер утре пред својата публика ќе се соочи со унгарскиот гигант Веспрем.
Еурофарм Пелистер, кој вчера беше поразен во Автокоманда, ќе мора само за еден ден да креира тактика како да му се спротистави на тимот предводен од Чави Пасквал.
Членот на Еурофарм Пелистер, Урош Борзаш, е голем оптимист за утрешниот натпревар со унгарскиот шампион.
„Притисокот е на страната на Веспрем. Секоја година Веспрем е подобар и подобар и носат уште подобри играчи. Ја ловат титулата од Лигата на шампионите со години, многу вложуваат и нам ни следи многу тежок натпревар. Максимално се спремаме, тие се сигурно еден од фаворитите за освојување а титулата во Лигата на шампионите и притисокот е врз нив. И Веспрем има недостатоци и ние ќе се обидеме да ги искористиме. Против Спортинг играа послабо и загубија убедливо. Сигурно и ние имаме свои шанси, па дури и да победиме. Убеден сум дека ќе дадеме максимум и ќе изгинеме на теренот. Ќе биде празник за градот, не доаа секој ден Веспрем во Битола и сите заедно ќе уживаме“, вели Борзаш.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Веспрем ќе се одигра во спортската сала „Боро Чурлевски“, со почеток од 20:45 часот.