Фабрегас: Знаеме дека Еурофарм Пелистер игра подобро дома, но ние одиме во Битола да победиме

Унгарскиот гигант Веспрем е следниот ривал на македонскиот првак Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите.

Веспрем доаѓа во Битола без клучниот играч од бековската линија, Јахја Елдера, кој скина лигаменти и ја заврши сезоната, но најверојатно во ростерот ќе биде Арон Палмарсон, кој се врати во Веспрем по седум сезони.

Меѓу најистакнатите во составот на Веспрем на стартот на сезоната, кога се работи за погодоците, е кружниот напаѓач Лудовик Фабрегас. Французинот смета дека ги чека тешка задача во Битола.

„Како и сите натпревари во Лигата на шампионите, мислам дека и овој против Еурофарм Пелистер ќе биде тежок. Играме на гостински терен, каде тешко се освојуваат бодови. Во Битола секогаш има добра атмосфера на натпреварите и тие го користат тоа како своја предност, па поради тоа секогаш играат подобро на домашен терен. Сметам дека нема да биде лесно, но ние секако одиме да победиме таму“, вели Фабрегас.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Веспрем се игра в четврток во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.