Екипата на Порто во натпревар од 3. коло од групната фаза во Лигата на Европа ќе гостува во Скопје кај Вардар.
Тренерот на Порто, Магнус Андерсон, со јубилеј доаѓа во македонската престолнина. Имено, Швеѓанецот откако го предводи Порто, успеа со неговите избраници да триумфира на 200 натпревари.
Јубилејната 200-та победа со Порто ја оствари пред неколку дена во домашниот натпревар со Брага, триумфирајќи со 38:28.
Андерсон е на клупата на Порто од 2018 година, со исклучок на сезона 2023/24 кога португалскиот тим беше предводен од Карлос Резенде.
Искусниот стратег во својата кариера ги предводеше Гепинген, Копенхаген, Малме, Дрот, а беше и селектор на репрезентацијата на Австрија.
Натпреварот меѓу Вардар и Порто ќе се игра на 22 октомври со почеток во 20:45 часот во СЦ „Јане Сандански“.