Амбициозниот Охрид е пред европски испит. В сабота во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе гостува незгодниот романски тим Потаиса Турда.
Капитенот на „гладијаторите“, Иван Тасески, ја потенцираше одличната атмосфера во клубот и ги покани сите навивачи да дојдат в сала.
„Атмосферата во екипата е одлична. По седум сезони повторно сме на европска сцена. Тоа е празник за градот, се надевам на полна сала и ги повикувам „Рибари“ и љубителите на ракометот да дојдат во што поголем број да ни дадат поддршка, за да оствариме поволен резултат и да патуваме во Турда со позитива“, вели Тасески.
Левото крило Гоце Ојлески вели дека ривалот е добро анализиран.
„Секој ракометар цели на вакви европски натпревари. Овој натпревар треба да е уживање, да уживаме, да покажеме дека заслужуваме да играме вакви натпревари. Сметам дека имаме свои шанси и заедно со охридската публика да направиме спктакл и да се радуваме а крајот, па потоа ќе размислуваме за реваншот во Романија. Го анализиравме противиникот, има брзи крила и ја казнуваат секоја грешка. Работиме на тие детали и мислам дека ќе ги спречиме нивните напади“, изјави Ојлески.
Натпреварот меѓу Охрид и Потаиса Турда ќе се игра в сабота во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток од 19:00 часот.
Продажбата на билетите онлајн завршува денеска, а од утре ќе може да се набават на билетарницата на салата – в петок од 09:30 до 15:30, додека в сабота од 10:00 часот па до стартот на натпреварот.