Алушовски: Oхрид има тим од кој секој треба малку да стравува

Ракометарите на Охрид по седум сезони пауза се враќаат на европската сцена и ќе играат во Европскиот Куп.

Охриѓани ќе се соочат со незгодната романска екипа Потаиса Турда, кој е меѓу најдобрите екипи во тамошниот шампионат.

Тренерот на „гладијаторите“, Стевче Алушовски, вели дека противникот е доволно анализиран, но дека во Охрид се играат само првите 60 минути.

„По ждрепката кажавме дека немаме среќа што се однесува до противникот што го добивме, но овој изборен настап е награда за добрата работа во минатата сезона и успеавме по седум сезони да бидеме дел од европските купови. Турда е една од водечките екипи во Романија, екипа што е составена од романски репрезентативци и голем број репрезентативци на други земји. Имаме доста сознанија, имаме многу видеа според кои се подготвуваме како за секој натпревар. Ова се двомечи од 120 минути, во Охрид се игра само првото полувреме, јас се надевам дека на крајот ние ќе излеземе како победници“, вели Алушовски.

Алушовски и неговите играчи ќе направат се за Охрид да се радува.

„Туда е искусна екипа, која десетина години константно ирга на европска сцена. Имаат свои слабости, ние ги анализиравме. Имаме наш систем и наша игра, имаме доволно квалитетен и респектибилен тим од кој секој треба малку да стравува. Не се плашиме, не ги потценуваме и не ги преценуваме. Секако дека Турда е фаворит поради поголемото европско искуство, но ќе направиме се за Охрид да се радува“, продолжи Алушовски.

Тренерот на „гладијаторите“ вели дека се разговара и се работи за грешките што се прават да бидат исправени.

„Она што ме загрижува малку е играта во Битола против Еурофарм Пелистер пред овој двомеч со Турда. Ние разговараме пред и по тренинзите, зошто екипата што има голем потенцијал, не го искажува на терен. Мислам дека ги воочивме грешките, сите играчи од капитенот Иван Тасески, до најмладиот Никола Ристески, се свесни дека имаме квалитет и дека можеме. По секој меч правиме видео анализа и разговараме многу. Со мечот во Битола почна серијата тешки натпревари. Секоја техничка грешка се казнува немилосрдно од силните екипи, но работиме на тоа да се исправат грешките и да се претставиме во најдобро светло.

Натпреварот меѓу Охрид и Потаиса Турда ќе се игра в сабота во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток во 19:00 часот.