Алборг ја доби драмата со ПИК Сегед, Барса победнички во Загреб

Екипата на Алборг во драматичен натпревар славеше над ПИК Сегед со 29:28 во натпревар од 5. коло од Лигата на шампионите. ПИК Сегед од Данска можеше да си замине со бод, но Себастијан Фримел во последната секунда не погоди од пенал.

Данскиот шампион за нијанса беше подобар од унгарскиот тим, во првиот дел ПИК Сегед беше речиси рамноправен ривал, но домашниот тим константно одржуваше предност од еден-два гола.По 30 минути игра, предноста на Алборг беше 16:15.

И вториот дел мина во знакот на домаќините, постојано водеа минимално, а ПИК Сегед во последната минута конечно дојде до израмнување, 28:28. Голот за победа на Алборг беше дело на Џек Туринг.

ПИК Сегед во последната секунда имаше шанса за реми, но Себастијан Фримел не успеа да реализира од седум метри, по што следуваше голема радост на домашните ракометари.

Алборг во следното коло ќе гостува во Полска кај Келце и ќе се обиде да дојде до нов триумф. ПИК Сегед, кој на пет одиграни натпревари оствари три победи, за следен ривал го има Колтшад од Норвешка.

Барселона на гостувањето во Хрватска кај Загреб дојде до триумф 31:29 и сега има пет од пет, односно 10 бода на свое конто.

Каталонскиот гигант уште од почетокот воспостави резултатска контрола, домашниот тим парираше на моменти, но тоа не беше доволно, бидејќи гостинот уште во 20 минута се одлепи на 17:9 и на пауза замина со предност од 19:14.

По предноста на Барселона од 21:17, домаќините врзаа два гола во низа и дојдоа до минус два, 21:19. Од тој момент тимот на Андрија Николиќ заигра поангажирано, но не издржа до самиот крај. Гостите од Барселона во последните петнаесетина минути водеа со два до пет гола разлика.

Најефикасен во редовите на Загреб беше Филип Главаш, кој зад своето има запиша девет погодоци. Листата на стрелци кај Барселона беше предводена од Дика Мем, францускиот репрезенаттивец постигна шест гола во мрежата на домаќините.

Барселона во следното, 6 коло од европската елита на свој терен ќе го пречека Магдебург, додека Загреб втората сезонска победа ќе ја бара во Франција кај Нант.