Вардар со висок пораз се враќа од Германија

Ракометарите на Вардар беа поразени од Мелсунген со 34:18 во натпревар од 2. коло од Лигата на Европа. Македонскиот вицепрвак, кој во првото коло беше убедлив против Валур, денеска во Германија одигра анемично.

Избраниците на Парондо го стартуваа натпреварот според посакуваното, на стартот го искористија исклучувањето на Лазаревски и по пет минути играа имаа предност од плус четири, 5:1. Фуриозниот налет на бундеслигашот беше причина тренерот Владо Недановски да побара тајм-аут.

Вардарци по советите врзаа два гола во низа, намалија на 5:3, но Мелсунген до крајот на полувремето имаше целосна резултатска контрола. Домашниот тим кон средината на првиот дел дојде до највисоките дотогаш ,,плус пет” 8:3, но  „црвено-црните“ не се предаваа. Вардарци некако успеаја да се консолидираат и намалија на 11:9 во 25 минута. Сепак, Вардар целосно потфрли во последните пет минути и дозволи ривалот да замине со 17:10 на пауза.

Мелсунген за неколку минути игра во вториот дел зголеми на 21:10 и тука беше јасно дека Вардар го очекува висок пораз. Тимот на Недановски првиот гол во вторите 30 минути го постигна во 36 минута, а реализатор беше Крсманиќ. До крајот на натпреварот домаќините ги казнуваа грешките на вардарци, постепено ја зголемуваа предноста и на крај триумфираа со 16 гола разлика.

Најефикасен кај Вардар беше Младен Крсманиќ со четири погодоци, по три постигнаа Милан Лазаревски и Ашреф Маргели, додека Мигел Еспиња имаше пет интервенции, една помалку Васил Гогов.

Вардар во 3. коло од Лигата на Европа на свој терен ќе го пречека Порто од Португалија, додека Мелсунген за следен ривал во второто по ранг европско клупско натпреварување го има исландскиот Валур.

Пред натпреварот со Порто, избраниците на Владо Недановски ќе имаат домашна задача против тимот на Куманово во 8. коло од суперлигашкото друштво.