По повредите на десното крило Мигел Пинто и левиот бек Дмитро Горига, тренерот на Владо Недановски се соочува со нов голем проблем со составот. На неодредено време ќе биде отсутен десниот бек Томислав Јагуриновски, кој има проблеми со грбот.
Јагуриновски поради овој проблем не беше во составот за првиот натпревар од Лигата на Европа против исландскиот Валур, а не играше ниту против Прилеп во дуелот од македонската Супер лига.
Се работи за стара повреда што Јагуриновски ја влече подолго време и му прави проблеми, па затоа е нејасно е колку време ќе биде отсутен од ракометните терени и како ќе се решава непријатната ситуација.
Тој нема да биде во составот за гостувањето кај Мелсунген во второто коло од Лигата на Европа, па тренерот Недановски ќе го има на располагање само тунискиот репрезентативец Ашраф Маргели на таа позиција. На дуелот со Прилеп играше и младинскиот репрезентативец на десната бековска позиција, Кристијан Стаменковиќ, па може и тој да биде во комбинација за идните европски натпревари.
На дуелот против Прилеп, во финишот и десното крило Ален Ќосевски заработи непријатен удар и поткривнувајќи го напушти теренот, па и тука останува само капитенот Гоце Георгиевски во комбинација.
Вардарци имаа успешен старт во Лигата на Европа, на домашен терен убедливо го совладаа исландскиот Валур, а сега оди на гостување кај најдобриот тим во групата, германскиот Мелсунген, каде ќе ги чекаат познати лица – Парондо, Мораеш и Кристопанс.