Ракометарките на Металург Автокоманда не успеаја да се пласираат во третото коло во Европскиот Куп, откако на реванш дуелот против Гореле не ја надоместија негативата од осум гола, победија со три гола, 37:34.
Металург Автокоманда на првиот натпревар, кој беше одигран во саботата, исто така на гостински терен, загуби со 36:28. Иако се елиминирании, сепак, ракометарките на Металург Автокоманда стекнаа големо искуство во својот дебитански настап на европска сцена.
Избраничките на Јулијана Дамчевска одиграа одлично во првото полувреме, во кое нападот беше предводен од Јанкуловска и Кралева, а на моменти Терзиќ не дозволуваше лесно да биде совладана. Откако се играше гол за гол во првите петнаесетина минута, тимот од Автокоманда започна постепено да се одлепува.
По нерешените 7:7, македонскиот претставник знаеше како да дојде до реализација и до крајот на полувремето имаше удобна предност. Во 22 минута предноста на Металург Автокоманда беше плус шест, 16:10, домаќинките одвреме-навреме доаѓаа до минус пет, но по 30 минута игра предноста на тимот на Дамчевска беше 21:15.
Гореле за две-три минуту игра во вториот дел дојде до минус четири, 22:18, подоцна намали на 24:21 и како одминуваше времето домашниот тим не дозволуваше Металург Автокоманда да замине на повисока предност од четири гола.
Најефикасна во таборот на Металург Автокоманда беше Марија Јанкуловска со 14 погодоци, а ја следеше Михаела Кралева со осум погодоци.