Пелистерци им се вратија на победите – сметката на Вардар ја плати Пролет!

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер по поразот од Вардар во вечното дерби им се врати на победите во Супер лигата и славеше на домашен терен против составот на Пролет со 30-21.

Домаќините уште на стартот поведоа со 3-0, па беше 5-1 и 9-2, и јасно беше кој ќе слави на овој дуел по десетина минути. Кузманоски и Кузмановски беа расположени за игра и тие најчесто погодуваа за домашниот тим, а тренерот Ангеловски потоа во игра ги внесе и Ѓорговски, Павле Атанасијевиќ, Петровиќ…

Јовиќ побара минута одмор уште во 10. минута, неговите играчи заиграа подобро, но не успеаја да ја намалат високата негатива. Напротив, таа растеше до плус 11, откако во последната секунда од првиот дел погоди Цехте за 20-9, резултат со кој се замина на пауза.

Вториот дел беше само формалност на овој натпревар и публиката во „Боро Чурлевски“ немаше можност да види возбудувања, иако Пролет успеваше неколку пати да погодува во серија.

Капитенот Филип Кузмановски доби директен црвен картон по стартот над Томислав Димковски на три минути до крајот, потоа третпат беше исклучен и Павле Петровиќ, па и тој мораше на трибини, но тоа немаше никакво влијание на конечниот резултат.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Цветан Кузманоски со шест и Филип Кузмановски со пет погодоци, додека кај Пролет се истакнаа Томислав Димковски со шест, односно Мице Шилегов со пет голови.

Следен предизвик за шампионот Еурофарм Пелистер ќе биде гостувањето кај Куманово в сабота, додека Пролет в петок ќе игра против составот на Вардар.

ПозЕкипаНПРЛБ.
1АЛКАЛОИД11110022
2ВАРДАР 196111100120
3ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР1190218
4ОХРИД1180316
5БУТЕЛ1160512
6ТИКВЕШ 20141151511
7ПРОЛЕТ1142510
8ПРИЛЕП114169
9КУМАНОВО113086
10СТРУГА112094
11БИСИНОВ Ф. Л.111193
12РАДОВИШ1101101