Терзиќ: Гореле е поискусен тим, но гостинскиот терен ни дава мотив плус за поголема борба

Амбициозниот тим на Металург Автокоманда во оваа сезона ќе го има деби настапот на европска сцена. Минатата сезона, како нов клуб, дебитираше во Женската лига освојувајќи го третото место и си обезбеди пласман на европска сцена, поточно во третото по ранг европско клупско натпреварување – Европскиот Куп.

Избраничките на Јулијана Дамчевска во втората рунда од Европскиот Куп за ривал го имаат турскиот Гореле. Тимот од Автокоманда одлучи двата натпревари да ги одигра во Турција.

Една од поискусните во составот на Металург Автокоманда, голманката Амра Терзиќ, истканува дека играњето на гостински терен ќе биде голем мотив за младиот тим од Автокоманда.

,,Атмосферата во тимот е одлична, на едно високо ниво пред натпреварите од Европскиот куп како и домашните натпревари. Гореле е екипа која е составена од постари и поискусни ракометарки ,ние сме млада екипа која со својата позитивна мисла цели кон позитивни резултати. Гостинскиот терен ни дава мотив плус за голема борба”, изјави Терзиќ.

Иако Гореле е поискусна екипа, сепак, Терзиќ истакнува дека не секогаш тоа е доволен фактор да се победи.

,,Го анализиравме ривалот, како што кажав имаат постари играчи кои имаат поголемо искуство, но мислам дека не секогаш тоа е доволен фактор за победа и подобар ривал. Имаат квалитетни играчи на секоја позиција, имаат транзиција од одбрана во брз напад, како и добро враќање во одбрана. Секако, ние како клуб на почетокот на сезоната поставуваме некои цели кои што се подготвуваме за да ги оствариме”, вели Терзиќ.

Металург Автокоманда во новата сезона од домашниот шампионат ќе атакува на двојна круна.

,,Како нов клуб минатата сезона главна цел ни беше да оствариме што подобар пласман, како и излез во Европа. Тоа го остваривме. Главната цел на Металург Автокоманда во домашното првенство е освојување на двојната круна. Можам да кажам дека во оваа сезона ќе биде голема борба за првото место, како и за Куп титулата”, заврши Терзиќ.

Првиот меч меѓу Металург Автокоманда и Гореле е закажан за утре од 16:00 часот, додека вториот ќе се игра на 7 октомври од 17:00 часот.