Овој викенд на програмата во суперлигашката конкуренција се натпреварите од 2. коло, во кое најголемо внимание ќе привлече дуелот меѓу Охрид и Бутел Скопје. Двете екипи фуриозно ја отворија сезоната, откако славеа убедливо против Радовиш, односно Куманово.
Бутелци и во оваа сезона атакуваат на пласман во плеј-оф фазата, а за остварување на зацртаната цел неопходно е да се освојуваат бодови на гостински терен. Тренерот на Бутел Скопје, Горан Кузманоски, го најави дуелот против Охрид и фаворитската улога им ја препушти на избраниците на Стевче Алушовски.
,,Охрид е фаворит на овој натпревар, во оваа сезона има комплетна екипа, на секоја позиција има по два квалитетни играчи, како во нападот, така и во одбраната, плус добија на искуство на голманската позиција во името на Градимир Чаневски. Знам дека ќе бидат доста мотивирани, бидејќи ќе го одиграат првиот натпревар пред домашната публика, исто така, Охрид имаа амбиции и во Европскиот Куп”, изјави Кузмановски.
Стратегот на Бутел Скопје вели дека главниот фокус на неговиот тим ќе биде играта во одбраната.
,,Во однос на минатата сезона направивме мали промени, дојдоа неколку млади играчи, главниот фокус ќе ни биде одбраната, работиме на тоа да бидеме што подобри во секој натпревар и заедно со одбраната да ја вклучиме транзицијата. Нема да биде лесно оваа сезона, секоја екипа може да изненади или да покаже нешто, не се знае кој ќе оди во плеј-оф, а кој во плеј-аут, па поради тоа секој натпревар за нас ќе биде дерби”, додаде Кузманоски.
Бутел Скопје против Охрид на располагање ќе ги има сите ракометари.
,,Здравствениот билтен е добар и сите играчи се здрави. Како што напоменав по натпреварот со Куманово, главниот фокус треба да ни биде на следните натпревари”, вели Кузманоски.
Дерби натпреварот меѓу Охрид и Бутел Скопје се игра в сабота со почеток во 20:00 часот во СРЦ „Билјанини Извори“.
Крстевски: Бутел не е тим за потценување, мораме максимално да влеземе во мечот