Платформата ЕХФ ТВ од претстојната сезона веќе нема да нуди бесплатно гледање на натпреварите од клупските и репрезентативните натпреварувања.
Ова сигурно ќе биде непријатна вест за македонските љубители на ракометот, особено за оние што немаат можност да ја следат програмата на регионалната спортска телевизија Арена Спорт.
Според информациите од националниот сервис, Македонската Телевизија (засега) нема постигнато договор за пренесување на натпреварите од ЛШ и ЛЕ од новата сезона на својата програма, иако постои надежта дека тоа ќе се случи во скоро време.
Тоа значи дека оние кои ќе ја сакаат да го следат натпреварот меѓу ПСЖ и Еурофарм Пелистер в среда на 11 септември на ЕХФ ТВ ќе мора да платат претплата.
Месечната чини околу 500 денари за сите натпревари од ЛШ и ЛЕ, додека годишната за сите претходно наведени натпревари плус оние од Европскиот Куп, каде Македонија има најмногу претставници, чини околу 2.800 денари.
Македонија оваа сезона има пет машки претставници во европските купови – Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите, Вардар во Лигата на Европа, како и Охрид, Тиквеш и „сино-белите“ од Автокоманда во Европскиот Куп.
Во понудата на ЕХФ ТВ има и можност за претплата на сите натпревари од Европското првенство за жени што ќе се игра во Австрија, Унгарија и Швајцарија од 28 ноември до 15 декември.