Шест години откако замина од шампионскиот состав на Вардар, српскиот интернационалец Илија Абутовиќ се врати во Македонија.
Откако мина седум сезони во Вардар, Абутовиќ четири сезони го носеше дресот на Рајн Некар Левен, а одигра и две во францускиот Шарт.
Ова лето потпиша со актуелниот првак Еурофарм Пелистер и сега го носи зелениот дрес на битолчани. За српските медиуми Абутовиќ откри што очекува од првото гостување во СЦ „Јане Сандански“.
„Кога ја прифатив понудата, знаев дека нема да биде лесно во таа смисла. Му кажав на еден пријател од Вардар, дека за некои работи сум подготвен, за некои не. Јас сум професионалец, тоа е спорт, тоа е живот, ќе го работам тоа што најдобро го знам на најдобар можен начин. Сега играм за најголемиот ривал на Вардар. Од друга страна, не заборавам, и не би сакал другите да заборават, сето она што му го дадов на Вардар, а и тој ми го даде, помагајќи ми да се изградам како личност. Првото гостување во Јане Сандански секако ќе биде специфично и емотивно, но тоа го носи животот на професионалниот спортист. Имам многу пријатели во Скопје. Некои луѓе кога слушнаа каде ќе играм, се налутија. Сфаќаат и дека тоа е работа, обврска… Кога се појавив во хотелот во Струга на кафе, Недановски и Стоилов ми рекоа „зелено не ти стои“. Ние сме големи пријатели. Ги следев сите натпревари минатата сезона, и на Вардар и на Еурофарм Пелистер. Македонија има посебно место во моето срце“, изјави Абутовиќ.
Тој утре со Еурофарм Пелистер ќе има шанса за трофеј во македонскиот Супер Куп, веќе играше против Вардар во финалето на Струшкиот турнир, а првиот официјален натпревар против „црвено-црните“ ќе биде на крајот на септември“ во Скопје.