„Димче од Украина“ е новиот „бомбардер“ на Вардар

Меѓу новите осум засилувања во „црвено-црниот“ тим е украинскиот лев бек Дмитро Горига, кој уште по првите неколку натпревари веќе ги освои симпатиите на навивачите на Вардар.
Тренерот Владо Недановски ќе нема проблеми на левата бековска позиција, бидејќи доби бомбардер, кој ќе биде закана за сите противнички голмани. Горига беше најдобар стрелец на „црвено-црните“ на турнирот во Охрид и постигна 20 погодоци, само еден гол помалку од најдобриот стрелец воопшто, но беше прогласен за МВП.

По настапите за полскиот Шчечин, шпанската Нава, францускиот Екс Ан Прованс и катарскиот Ал Араби, Вардар ќе биде нов предизвик во странство за високиот Украинец, кој има 26 години. Откри дека веќе добил „ново“ име во Македонија.

„Јас веќе се навикнав да ме викаат и Хориха и Горига. Исто така и името различно го изговараат во различни држави, па покрај Дмитро и Дмитри, сега имам и „ново“ име во Македонија – Димче“, низ смеа вели украинскиот лев бек.

Тој е роден во градот Бровари, таму почнал да се занимава со ракомет уште во училиште, во спортската секција. Потоа бил дел од спортска гимназија четири години и професионалната кариера ја започнува во вториот тим на Мотор Запорожје, иако пет години се занимавал сериозно со пливање и бил успешен и во тој спорт.

„Имав голема мотивација да работам на тренинзите и сакав да стигнам до првиот тим. На 17-18 години станав дел од него, но таму се бараа резултати имаше голем притисок, па беше донесено решено да одам на позајмица некаде за поголема минутажа и заминав во полскиот Шчечин, каде играв до 2020 година. Потоа се вратив во Мотор Запорожје, играв со играчи како Борис Пуховски, Стеван Вујовиќ…соработував со тренери како Патрик Ромбел, Николај Степанец, Гинтарас Савукинас…“, се потсети Горига на времето минато во Мотор Запорожје.

По настапите за Мотор Запорожје, Горига лани се решава да се проба во францускиот шампионат во Екс Ан Прованс.

 

„Потпишав на две сезони со Екс Ан Прованс, но таму не најдов заеднички јазик со тренерот, имав мала минутажа, можеби и имаше јазична бариера и сфатив дека тоа не е клуб за мене. Морав да менувам и заминав во катарскиот Ал Араби, каде тренер беше Савукинас, па се решив да прифатам поради него и таму играв до крајот на минатата сезона. Знаев дека тоа ќе биде кратко, таму нивото е пониско и секогаш знаев дека сакам да играм во Европа, во Лигата на Европа и Лигата на шампионите“.

По лошата епизода во Франција, Горига барал клуб што ќе игра во европските купови. Веќе бил во Македонија како противник, а сега има само пофални зборови за нашата земја и за третманот во Вардар.

„Барав клуб што ќе игра во Европа, преку мојот агент имав варијанта за Вардар, не размислував многу кога дознав за интересот од македонскиот тим. Македонија е многу слична на Украина и се чувствувам веќе како дома – вкусна храна, убаво друштво, прекрасно ми е тука, и јазикот започнав да го учам, па за неколку месеци мислам дека ќе можам да зборувам и на македонски, иако разбирам многу зборови бидејќи има многу сличности со украинскиот. Се што е ветено од менаџментот, досега е исполнето, живееме во еден ист реон со соиграчите. Покрај мене имаме нови играчи, па можеме да се дружиме, да пиеме кафе, да се запознаваме подобро меѓусебе“, вели Горига.

Во Струга Вардар беше поразен во финалето од Еурофарм Пелистер и Горига виде како изгледа најголемото македонско дерби.

„Тоа што загубивме од Еурофарм Пелистер во Струга не значи ништо. Бевме конкуренти до самиот крај и го реши само една-две грешки. Беше прекрасен натпревар, каков што треба и да биде секое дерби. Тоа е пријателски натпревар, но воопшто не личеше на таков. Не гледам ништо критично во тоа што загубивме, учиме од грешките. Сега е подготвителен период и ние се уште се воигруваме“, вели Горига.

За разлика од Струга, Вардар забележаа четири победи и го освои трофејот во Охрид на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“.

„Одигравме добро во првиот дел и се боревме многу, имаше многу емоции, но после одмморот, малку можеби и уморот одигра улога, не можевме да реализираме лесни погодоци и правевме грешки во нападот, а тоа им овозможи на противниците да даваат голови од контри. Но во финишот се вративме во игра, а ниту еднаш не се исплашивме дека може да има пресврт. Ќе играме со нив во првото коло од првенството, секој ќе се обиде да победи што е нормално. Лично за мене, ова беше добра шанса да ги запознаам противниците подобро, но сега ќе одмориме малку, одиграме четири меча за пет дена, а потоа уште повеќе ќе се подготвиме за дербито од првото коло и ќе покажеме уште подбра игра“, анализираше Горига.

Покрај на домашна сцена, Вардар ќе биде активен и на меѓународна сцена во Лигата на Европа.

„Знаеме дека имаме силни ривали во Лигата на Европа. Вардар има шанси да мине во следната фаза, ова е ракомет, ова е спорт, што ако има посилни од нас…можеме да ги добиеме сите противници. Главно е дека имаме желба и мотив да се надигруваме со сите“, заврши Горига.