Македонскиот освојувач на Купот ја запиша третата победа на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ и го освои првото место во групата што носи финале. Тимот од Автокоманда славеше против Ловќен со 34-30.
Црногорскиот шампион парираше и одржуваше резултатска рамнотежа во најголем дел од првото полувреме, но македонскиот тим полека ја преземаше контролата на теренот и ја градеше предноста.
На паузата предноста на составот предводен од Кире Лазаров беше три гола, 18-15, но имаше мал пад на стартот на вториот дел. Ловќен успеа да се врати во игра и да намали на само гол негатива, но немаше сили за нешто повеќе.
Составите на двете екипи се измешаа на теренот, двајцата тренери им дадоа шанса на повеќето ракометари од клупите, па разликата се движеше меѓу три и четири погодоци во корист на „сино-белите“.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Мартин Серафимов со шест гола, како и Иван Џонов и Александар Петковски со по пет погодоци. Во тимот на Ловќен се истакнаа Данило Пајовиќ и Божо Брновиќ со по шест гола.