Покрај домаќинот Охрид, на турнирот од Македонија претставници ќе бидат двократниот европски првак Вардар и тимот на Алкалоид. Останатите пет екипи се од странство, бидејќи охридското крајбрежје стана популарно за последните подготовки на екипите пред стартот на сезоната.
Доаѓа ланскиот финалист Олимпијакос, амбициозните српски тимови Партизан и Динамо Панчево, како и шампионот на Црна Гора – Ловќен. Словенечкиот Целје, европскиот шампион од 2004 година, исто така ќе биде меѓу учесниците на третото издание на меморијалниот турнир.
Спортскиот директор на Охрид, Славчо Ристески, кажа дека како организатори со поддршка на Општина Охрид, имаат долгорочни планови со меморијалниот турнир посветен на Крсте Андоновски.
„Со завршувањето на претходниот турнир, почнавме со подготовки за овој. Екипите кои учествуваа лани, беа презадоволни од градот, од приемот и од одличниот турнир. Сега има екипи што се нудат и сакаат да играат постојано. Ние почнавме со четири, продолживме со осум, и се надевам дека ќе го задржиме овој формат со осум екипи. Оваа година според имињата, имаме многу посилен турнир. Плановите се долгорочни и ќе имаме се подобри клубови во Охрид“, вели Ристески.
Ристески вели дека е предизвик да се организира вака голем турнир.
„Тешко е, но и предизвик да се организира ваков турнир. Од грешките учиме, имаме и мани, но секоја година се надевам дека ќе бидеме се подобри. Во Охрид, како туристички центар, во овој период секогаш е тешко да се најдат доволно сместувачки капацитет. Затоа уште отсега ќе работиме и за следната година да резервираме сместување. На пример Олимпијакос, минатата година имаше експедиција од 26 луѓе, а годинава доаѓа со 36. Тоа е показател дека екипите и нивните стручни штабови се чувстуваат како дома во Охрид и дека им се допаѓа да бидат овде“, продолжи Ристески.
Тој верува дека како ќе одминуваат годините, така турнирот ќе станува се посилен, но дека половина од екипите секогаш ќе бидат македонски.
„Ќе го задржиме бројот и на македонските екипи, три или четири, останатите места ќе се пополнуваат со странски екипи. Стартот на македонското првенство е близу, па силни тестови на македонските екипи ќе им бидат добредојдени. Повеќето од гостинските тимови се шампиони на своите земји, се подготвуваат и за настапите во Европа. Охрид е подготвен за спектакуларен турнир“, заврши Ристески.
Меморијален турнир „Крсте Андоновски“, распоред на натпревари:
20 август
16:30 Алкалоид – Динамо Панчево
18:45 Ловќен – Олимпијакос
21:00 Охрид – Вардар
21 август
16:30 Динамо Панчево – Олимпијакос
18:45 Партизан – Вардар
21:00 Охрид – Целје
22 август
16:30 Партизан – Целје
18:45 Динамо Панчево – Ловќен
21:00 Алкалоид – Олимпијакос
23 август
16:30 Алкалоид – Ловќен
18:45 Охрид – Партизан
21:00 Вардар – Целје
24 август
10:30 меч за седмо место
12:30 меч за петто место
17:45 меч за трето место
20:00 финале