ОХРИД 2024: Најдобрите судии и делегати од Македонија на турнирот „Крсте Андоновски“

Ракометниот клуб Охрид во соработка со Општина Охрид ова лето ќе го организира третото издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во чест на човекот што остави голема трага во македонскиот ракомет. Oхрид трета година по ред ќе биде центарот на ракометот кон крајот на август и ќе го собере балканскиот ракометен крем.

На третото издание на меморијалниот турнир во чест на Крсте Андоновски ќе бидат одиграни 16 натпревари, што ќе ги судат најдобрите судии од Македонија.

Меѓу двојките се Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, кои во Охрид доаѓаат по Олимписките игри во Париз, Методија и Михајло Илиевски, кои до утре се на Европското првенство во Црна Гора, потоа Димитар Митревски и Благојче Тодоровски, а еден натпревар на последниот ден ќе судат и Рубинчо Седлоски и Горан Ангелески.

Меѓу делегатите на натпреварите се Марјан Начевски, Ацо Николовски, Камер Металари, Славчо Ристески, Славчо Каланоски, Игор Огненов и Љупчо Јаневски.

Покрај домаќинот Охрид, на турнирот од Македонија претставници ќе бидат двократниот европски првак Вардар и тимот на Алкалоид. Останатите пет екипи се од странство, бидејќи охридското крајбрежје стана популарно за последните подготовки на екипите пред стартот на сезоната.

Доаѓа ланскиот финалист Олимпијакос, амбициозните српски тимови Партизан и Динамо Панчево, како и шампионот на Црна Гора – Ловќен. Словенечкиот Целје, европскиот шампион од 2004 година, исто така ќе биде меѓу учесниците на третото издание на меморијалниот турнир.

Меморијален турнир „Крсте Андоновски“, распоред на натпревари:

20 август
16:30 Алкалоид – Динамо Панчево
18:45 Ловќен – Олимпијакос
21:00 Охрид – Вардар

21 август
16:30 Динамо Панчево – Олимпијакос
18:45 Партизан – Вардар
21:00 Охрид – Целје

22 август
16:30 Партизан – Целје
18:45 Динамо Панчево – Ловќен
21:00 Алкалоид – Олимпијакос

23 август
16:30 Алкалоид – Ловќен
18:45 Охрид – Партизан
21:00 Вардар – Целје

24 август
10:30 меч за седмо место
12:30 меч за петто место
17:45 меч за трето место
20:00 финале