ОХРИД 2024: Дали знаете кој е првиот победник на турнирот „Крсте Андоновски“?

Ракометниот клуб Охрид во соработка со Општина Охрид ова лето ќе го организира третото издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во чест на човекот што остави голема трага во македонскиот ракомет. Oхрид трета година по ред ќе биде центарот на ракометот кон крајот на август и ќе го собере балканскиот ракометен крем.

Покрај домаќинот Охрид, од Македонија претставници ќе бидат двократниот европски првак Вардар и тимот на Алкалоид. Останатите пет екипи се од странство, бидејќи охридското крајбрежје стана популарно за последните подготовки на екипите пред стартот на сезоната.

Доаѓа ланскиот финалист Олимпијакос, амбициозните српски тимови Партизан и Динамо Панчево, како и шампионот на Црна Гора – Ловќен. Словенечкиот Целје, европскиот шампион од 2004 година, исто така ќе биде меѓу учесниците на третото издание на меморијалниот турнир.

Првото издание на овој турнир се одржа летото 2022 година, со учество на четири екипи, кои играа по принципот полуфинале, финале. Покрај домаќинот Охрид, играа и Тиквеш и Пролет од Македонија, а единствен гостин од странство беше српски Партизан.

Прв победник стана екипата на Тиквеш од Кавадарци, која во финалето на турнирот го совлада составот на Партизан со 33-32 по ударите од седум метри. Во пенал серијата за кавадарчани стрелаа Симиќ, Петровиќ, Хамзиќ и Стефановиќ, додека Велков го скроти ударот на Зечевиќ и неговиот тим ја искористи предноста за победа.

Претходно во полуфиналето, Тиквеш го совлада Охрид со 24-22, додека Партизан беше подобар од Пролет со 35-34. Во битката за трето место, Охрид триумфираше против Пролет со 27-23.

Меморијален турнир „Крсте Андоновски“, распоред на натпревари:

20 август
16:30 Алкалоид – Динамо Панчево
18:45 Ловќен – Олимпијакос
21:00 Охрид – Вардар

21 август
16:30 Динамо Панчево – Олимпијакос
18:45 Партизан – Вардар
21:00 Охрид – Целје

22 август
16:30 Партизан – Целје
18:45 Динамо Панчево – Ловќен
21:00 Алкалоид – Олимпијакос

23 август
16:30 Алкалоид – Ловќен
18:45 Охрид – Партизан
21:00 Вардар – Целје

24 август
10:30 меч за седмо место
12:30 меч за петто место
17:45 меч за трето место
20:00 финале