На 42 години кажа крај – Златко Мојсоски ја заврши играчката кариера!

Минатата сезона беше последна во кариерата за десното крило Златко Мојсоски, кој на 42 години реши да заврши со активното играње ракомет.

Зад Мојсоски се повеќе од 25 години професионално играње ракомет во македонскиот шампионат во најдобрите клубови. Потекнува од најголемиот расадник на таленти, Струга, каде што ја одигра и последната сезона во кариерата.

Четири сезони беше дел од Пелистер до 2005 година, а потоа играше и за Климент Охридски, пред да замине во ВВ Тиквеш. Четири сезони, до 2010 година, беше дел и од Вардар, а потоа настапуваше и за Металург до 2014 година.

По една сезона одигра во Прилеп и во Работнички, а потоа замина во Битола, каде се формираше Еурофарм Работник. Најголем дел од кариерата, пет сезони, до 2023 година, мина во Бутел Скопје.

Со Пелистер, Металург, Вардар и Бутел Скопје настапуваше во европските купови, а зад себе има и настапи во македонската репрезентација.

Играше на две ЕП, 2012 во Србија и 2014 во Данска, на квалификациите за ОИ 2012, како и на две СП, 2013 во Шпанија и 2015 во Катар.

Тие што го познаваат, знаат дека популарниот Козла, дури и во зрелите играчки денови, играше исто како во најдобрите денови и иако можеше да игра уште некоја сезона, сепак реши дека е доволно.

Многу веројатно е дека останува во ракометот, но ќе има поинаква улога.