СТРУГА 2024: Марковиќ – Бев на турнирот како играч на Борац, а сега ќе водам трет различен тим како тренер

Откако пред две години го прослави „златниот јубилеј“, познатиот ракометен турнир во Струга ја продолжува традицијата на најстарата спортска манифестација во Македонија. Годинава од 14 до 17 август по 52. пат отвореното ракометно игралиште покрај „Женската плажа“ во Струга повторно ќе биде местото каде ќе се темпира формата за новата сезона, но и ќе се борат екипите за престижниот трофеј.

Тимот од Кавадарци што повеќе не постои, ВВ Тиквеш, се наоѓа на листата на освојувачи на трофеите од Струшкиот турнир, а Тиквеш доаѓа покрај езерото со амбиција да го повтори таквиот успех доколку добие прилика.

Нов предводник на кавадаречкиот состав е прославениот Драган Марковиќ-Марка, кој на клупата го замени Раде Стојановиќ.

Кавадарчани донесоа четири нови ракометари, а го задржаа костурот на екипата и ќе бидат сигурно „тврд орев“ за сите екипи во претстојната сезона. Марковиќ откри дека и како играч беше дел од Струшкиот турнир, а сега ќе предводи како тренер трет различен тим.

„Драго ми е што сме учесници на еден од најубавите и најдобрите летни турнири. Ја имав честа своевремено како играч на Борац Бања Лука да играм во Струга, а како тренер сум бил со полскиот тим Азоти Пулави и со Динамо Панчево минатата година. Оваа година со мојот нов тим, Тиквеш од Кавадарци посакувам да одиграме еден добар турнир. Тешко е да се дава прогнози за фаворити и тоа кој ќе го освои турнирот бидејќи сите сме во фаза на подготовки за новата сезона“, вели Марковиќ.

Стратегот на кавадарчани концизно одговори на прашањето која е целта на Тиквеш во наредната сезона.

„Целта во претстојната сезона е пласманот во плеј-офот на македонскиот шампионат“, заврши Марковиќ.

ТИКВЕШ

заминаа: Мирко Мајиќ (крај на кариера), Никола Стефановиќ (Рибница), Јанко Гемаљевиќ (Раднички Крагујевац), Раде Стојановиќ (тренер, Тримо Требње)

дојдоа: Мартин Димовски (Алкалоид), Дарио Кофилоски (Алкалоид), Данило Осадчиј (Уеска), Игор Арсиќ (АЕК Атина), Драган Марковиќ (тренер, Динамо Панчево)

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ

14/8, 20:40, ВАРДАР – ТИКВЕШ
15/8, 20:40, ТИКВЕШ – ГУИФ
17/8, за пласман

Дознајте ги сите новости поврзани со 52. издание на турнирот во Струга во специјалниот дел посветен на турнирот на страниците на 24Ракомет.

,
Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…