Селекцијата на Германија е првиот финалист на Олимписките игри, откако триумфираа против Шпанија со 25-24 во драматичен натпревар што беше решен во последните секунди. Човек на одлука беше германскиот голман Вулф, кој забележа 22 одбрани, но и покрај тоа Шпанците го имаа последниот напад и можеа да го однесат мечот во продолженија. Не погодија и победата остана за бундес тимот кој сега во битката за злато ќе го чека победникот од дуелот меѓу Данска и Словенија.
Предводени од голманот Вулф, кој собра десет одбрани во првиот дел, Германија имаше и плус четири во повеќе наврати, но не успеа да го сочува водството. Kaко одминуваше времето така Шпанија се враќаше во игра.
Погодуваа Гарсиандиа и Фернандез, а Алекс Душебаев на три секунди до крајот успеа да даде гол за реми, 12-12 и на стартот од вториот дел се мораше да тргне од нула.
Избраниците на Алфред Гисласон одново се одлепија на плус три, 19-16, Де Варгас беше заменет со Коралес, а Шпанците не се откажуваа од камбек. Се разигра Тарафета, кој успеа да погоди три пати по ред и пак беше реми, 20-20.
На десет минути до крајот Шпанија првпат поведе во мечот преку Гомез, 23-22, а беше и 24-23, па Гисласон мораше да бара тајм-аут. Вулф спречи два зицери за плус два на Шпанија, но продолжуваа проблемите на Германија во нападот.
Сепак Мертенс израмни на 24-24 и најави возбудувања во финишот. Вулф запре уште еден зицер, па Кнор реализираше за 25-24, кога остануваа уште две минути и Рибера повика тајм-аут. Немаше голови на двете страни и остана последниот напад за Шпанија. Не успеаја избраниците на Рибера да организираат напад и мечот заврши со триумф на Германците.
Покрај Вулф со 22 одбрани, кај Германија најдобри стрелци беа Усчинс со шест и Гола со четири погодоци, додека кај Шпанија се истакнаа Фернандез со пет, како и Тарафета и Касадо со по четири гола.