СТРУГА 2024: Георгиевски – Очекувам изедначен турнир и убав ракомет

Откако пред две години го прослави „златниот јубилеј“, познатиот ракометен турнир во Струга ја продолжува традицијата на најстарата спортска манифестација во Македонија. Годинава од 14 до 17 август по 52. пат отвореното ракометно игралиште покрај „Женската плажа“ во Струга повторно ќе биде местото каде ќе се темпира формата за новата сезона, но и ќе се борат екипите за престижниот трофеј.

Вардар ќе го брани трофејот на традиционалниот турнир во Струга, кој го освои лани со триумфот во финалето над „сино-белите“ од Автокоманда.

„Црвено-црните“ ова лето претрпеа значителни играчки промени, откако останаа без носителите на играта – Томовски и Јасухира, а заминаа и Карапалевски, Мишевски и Ѓукиќ.

Kaпитенот Гоце Георгиевски ги сподели очекувањата пред турнирот.

„Нашите очекувања се да одиграме турнир на кој сите ривали ќе бидат достојни да го освојат, па со тоа очекувам изедначен турнир на кој публиката ќе може да проследи убав ракомет. Секако наша цел во овој дел од сезоната е воигрувањето на тимот како и освојувањето на турнирот. Добро ги познаваме ривалите во групата, ги следевме нивните настапи во минатата сезона како и промените кои ги имаат оваа. Ние ги анализираме сите наши противници и на секој натпревар настапуваме колку што е можно максимално подготвени. Во овој момент не би можел да издвојам кој е фаворит и верувам дека сите тимови имаат шанса, а секако ние ќе се фокусираме на својата игра со цел освојување на овој турнир“, изјави Георгиевски.

Десното крило откри кои се целите на „црвено-црните“.

„Во Европа нашата првична цел е да ја поминеме групата во која не чекаат силни ривали, а во Македонија како и секоја сезона имаме за цел да ја освоиме двојната круна, на што не обврзува на некој начин и нашата историја како убедливо најтрофеен машки ракометен колектив“, заврши Георгиевски.

ВАРДАР

заминаа: Мартин Томовски (Потсдам), Мартин Карапалевски (Ваљадолид), Марко Мишевски (Курнон), Дарко Ѓукиќ (Динамо Букурешт), Косуке Јасухира (Бурхан), Тарик Бакар (Пролет), Немања Гојковиќ ?

дојдоа: Мигел Еспиња (Куенка), Мигел Пинто (Агуаш Санташ), Ларс Коиј (Емсдетен), Томче Стојановски (Бутел Скопје), Марио Танкоски (Еурофарм Пелистер), Дмитро Горига (Ал Араби), Младен Крсманчиќ (Чурго), Ашраф Маргели (Есперенца)

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ:

14/8, 20:40, Вардар – Тиквеш
16/8, 18:30, Гуиф – Вардар
17/8, за пласман