Селекцијата на Германија, се пласираше во полуфиналето на машкиот турнир, откако ја совлада Франција со 35-34 по продолженија. Иако Французите го имаа полуфиналето во свои раце, сепак Мем направи почетничка грешка, Германците реализираа за реми преку Усчинс и го однесоа мечот во продолженија. И тие беа исто толку драматични, а играчот на одлука повторно беше Усчинс, кој на неколку секунди до крајот го постигна победничкиот гол. Французите брзаа во нападот, но ударот на Порт го одбрани Шпет и почна германското славје.
Германците отворија со водство од 4-2, но Франција веднаш се врати во рамнотежа и како одминуваше времето, така ја преземаше контролата. Водеа момците на Гијом Жил и со пет гола во првиот дел, но на пауза се замина со 17-14.
По грешки на стартот на вториот дел од страна на Германците, казнија Деска и Пранди за 20-14. Веројатно домашните помислија дека ја завршија работата, но така не мислеа и избраниците на Алфред Гисласон.
Полека се враќаа во игра упорните Германци и преку Костер израмнија на 25-25 во 47. минута од натпреварот. Беше и 26-26, Жерар блескаше на голот, во повеќе наврати ги запре Германците и Франција поведе со плус два, 28-26, кога остануваа да се играат уште три минути до крајот.
Гисласон побара тајм-аут, Колбахер се избори за пенал, па намали на Германија на 28-27. Мем погоди клучен шут, Германија успеа да реализира и останаа уште седум секунди за француски напад. Мем направи почетничка грешка и практично им ја даде топката во раце на ривалите, па Усчинс казни со голот во последната секунда за реми, 28-28 и продолженија.
По првите пет минути од продолжението, одново резултатот беше израмнет, 32-32, по погодоците на Деска и на Усчинс од пенали. Исто така имаше драма во вторите пет минути, Ремили погоди за реми на петнаесетина секундо до крајот, но Германците организираа брз напад, Усчинс беше прецизен за германскот водство, а ударот на Порт во последната секунда беше плен на Шпет и Германија го славеше местото во ТОП 4.
Усчинс беше најдобар стрелец со 14 голови кај Германија, а голманот Шпет имаше 14 одбрани. Во францускиот состав, Мем имаше десет погодоци, додека голманот Жерар запиша неверојатни 24 одбрани, но ниту тоа не беше доволно за полуфинале.