Искусниот чувар на мрежата Златко Даскалоски е второто летно засилување пред стартот на новата сезона за тимот на Пролет. Како што неодамна најави 24Ракомет, Даскалоски се договори со раководството на Пролет и кариерата ќе ја продолжи во овој клуб.
Тој потпиша договор на две сезони со Пролет, а покрај обврските со првата екипа, ќе биде тренер на голманите во младинските категории.
Даскалоски е поранешен репрезентативец на Македонија, голман со богато искуство како на домашната, така и на меѓународната сцена. Тој доаѓа во Пролет од редовите на Голден Арт, претходно настапуваше и за Бутел и за Вардар, додека од во странство има настапувано за Ловќен во Црна Гора, француски Стразбур и за Темишвар во шампионатот на Романија.
Даскалоски е второто засилување на Пролет во овој преоден рок, откако веќе потпишан договор и со младиот пивот Стефан Стојчевиќ.
Тренерот Александар Јовиќ на 5 август ќе го одржи првиот собир со што ќе биде означен и стартот на подготовките за новата сезона. Во меѓувреме се очекува да бидат финиширани преговорите за уште неколку засилувања, со што ќе биде заокружен играчкиот кадар со кој Пролет ќе настапува во сезоната 2024/25.