Една од најдобрите руски ракометарки, Екатерина Илина, ја игра последната сезона во богатата кариера.
Средниот бек на ЦСКА Москва откри дека оваа сезона во која со рускиот клуб ќе настапува само на домашна сцена ќе и биде последна.
„Веќе размислувам во друга насока, планирам семејство и деца. Во секој случај нема да заминам од ракометот, бидејќи тоа е дел од мојот живот. Ќе ги поддржувам моите колешки. Не можам туку така да заминам и да оставам се зад себе“, кажа Илина за Мач ТВ.
Поранешната колешка на Сара Ристовска од ЦСКА Москва, со руската репрезентација стана олимписка шампионка во Рио 2016 година, има светска кадетска титула од 2008 година, како и светско сребро од младинско СП, пет шампионски титули во Русија, три трофеи во Супер Купот, два во Купот, како и две титули во ЕХФ Купот.
Илина потекнува од Лада Тољати, играше за Кубан Краснодар, па четири сезони во Ростов Дон и по една година пауза се врати на терените во дресот на ЦСКА Москва во 2019 година и ќе комплетира шест сезони во московскиот тим.