Машката младинска репрезентација на Македонија ја совлада Романија со 31-26 за втора победа во разигрувањето за пласман од 9 до 16 место на Европското првенство. Ако Франција ја совлада Полска, тоа значи дека оваа селекција заедно со Македонија оди во битка за 9 до 12 место со двете најдобри од групата Ј, каде што се Словенија и Унгарија. По првиот дел кој беше егал, со помош на одличниот Галевски на голот, на средината на второто полувреме беше скршен романскиот отпор, а потоа до крајот се играше само рутински и Македонија и натаму е непоразена на ЕП иако не се бори за медали поради новиот систем на ЕХФ.
Нашите ракометари имаа добар старт поведоа со 3-1, Брестовац одбрани и пенал, а имавме шанса и за плус три. Сепак Романците набрзина се соземаа, направија комплетен пресврт, а по десетина минути поведоа со 8-5.
Беше и 9-6 за противникот, но Брестовац влезе во серија, Македонија изнуди исклучување и следуваше серија од три гола за 9-9. Потоа двете селекции погодуваа наизменично, пред Узунчев и Димевски да донесат плус два за Македонија, 13-11.
Романците казнија две наши грешки, одново натпреварот беше во егал и до паузата двете репрезентации погодија по два пати за 15-15.
Беше 17-17 на стартот на второто полувреме, а потоа следуваше клучниот период на мечот. Галевски бранеше удари во серија на противничките ракометари, Митев погодуваше на спротивната страна, Карасманакис во два наврати реализираше зицери и Македонија се одлепи на плус шест, 23-17.
Романците пробуваа и со „седум на шест“, но ниту така не им одеше најдобро, бидејќи Македонија ја одржуваше разлика од шест плус во следниот период. Галевски продолжи да им биде ноќна мора на ривалите, нивните грешки се намножија, а сите беа казнети од македонските ракометари и на десет минути до крајот беше плус осум, 28-20.
Последните минути беа да се пробаат различни варијанти во нападот, но и да се сочуваат дел од силите за пресметката со фаворитот Франција. Узунчев беше најдобар стрелец со шест гола, пет постигна Карасманакис, а сите останати ракометари од македонскиот состав се запишаа во листата на стрелци. Брестовац имаше седум одбрани во првиот дел, додека Галевски запиша осум интервенции во второто полувреме.
Сега следува еден ден пауза за македонските младинци, а в четврток на програмата ќе биде последниот дуел од оваа група за разигрување за пласман против Франција точно на пладне.