Полека се наѕира костурот на Лигата на шампионите за следната сезона и познати се половина од учесниците што ќе играат во најелитното европско клупско натпреварување.
Според рејтингот, македонскиот шампион нема директно место во Лигата на шампионите, па Еурофарм Пелистер може само преку вајлд-карта да се најде меѓу 16 екипи што ќе бидат дел од сезоната 2024/25. Шансите ниту се големи, но не се ниту мали. Конкуренцијата е силна, но би било одлично ако на теренот во Битола, и во следната сезона гледаме елитен ракомет.
Директно место во ЛШ имаат Барселона, Спортинг Лисабон, Магдебург, Фуксе Берлин, како и шампионите на Полска, Франција, Данска, Унгарија и Норвешка, односно Висла Плоцк, ПСЖ, Алборг, Веспрем и Колстад. Белорусија се уште е исклучена од европските натпреварувања, па местото на Мешков Брест оди во вајлд-карти и ЕХФ ќе има за доделување уште седум специјални покани.
Ако се оди според досегашната пракса вајлд-карти ќе добијат вицешампионите на Полска (Келце), Франција (Нант), Унгарија (ПИК Сегед)…па ќе останат уште четири. Откако лани не добија покана, оваа сезона силниот романски првак Динамо Букурешт скоро сигурно ќе игра во елитатата, а тука е хрватскиот шампион Загреб, кој исто така има силно лоби и ќе добие вајлд-карта, па остануваат уште две.
„Разговорите во Келн дадоа до знаење дека се работи за транспарентен процес каде Комисијата одлучува според критериуми, а ние имаме неколку кои тежнеат на позитивната страна. Еурофарм Пелистер заедно со дански Алборг беа споменати како клубови чии натпревари биле најпосетувани, односно се играле пред полни трибини, и тоа е сериозен плус. Организацијата, атмосферата – за кои немавме забелешки, а и поврзаноста наша, и на публиката кон квалитетниот ракомет. Свесни сме дека резултатите не се нешто со што може да се пофалиме и тоа има влијание кон негативната страна, но мислам дека имаме повеќе позитивни страни. Сметам дека од овие простори – Балканот, Загреб и Еурофарм Пелистер се клубовите кои ќе добијат ’вајлд-карта’ со оглед дека овој дел на Европа е значаен за ЕХФ“, изјави Зоран Стерјев, претседателот на македонскиот првак
Покрај Келце, Нант и ПСЖ, кои ги сметаме за „сигурни добитници“, како и Динамо Букурешт и Загреб, кои исто така може да се вбројат меѓу нив, во конкуренција за преостанатите две покани остануваат македонскиот шампион Еурофарм Пелистер, вицепрваците на Шпанија (Бидасоа), Португалија (Порто), Данска (Фредереција) и Норвешка (Елверум), како и швајцарскиот Кадетен и словачкиот Татран Прешов.
Ако се знае скандинавското лоби во ЕХФ за очекување е еден од тимовите на Фредерција и Елверум да добие покана, Татран веднаш го отпишуваме од оваа конкуренција, слична е ситуацијата со Бидасоа, па македонскиот првак за „ривали“ ќе ги има Порто и Кадетен. Дали Извршниот Комитет ќе „гласа“ за еден „НОН ЕУ“ тим да игра во елитната конкуренција ќе дознаеме на 20 или 21 јуни, кога ЕХФ ќе ги објави „добитниците“.
Ждрепката за новата сезона ќе се одржи на 27 јуни.