Се уште актуелниот европски првак Магдебург, барем уште неколку часа, на крајот заврши на последното место на Ф4 во Лигата на шампионите, откако загуби и од Кил со 32-28. По поразот од Алборг, Магдебург немаше многу енергија и мотивација за борба со „зебрите“, па на крајот заврши на четвртото место.
Тимот на Кил отвори според посакуваното, поведе со 4-1 во воведните пет минути и до крајот на полувремето имаше активен резултат. Магдебург, кој во вчерашното полуфинале немаше среќа со Алборг, по негативата од 5-3, успеа со два гола во низа да направи камбек израмнувајќи на 5-5, но составот на Филип Јиха возврати со поголема мера и се одлепи на 8-5 во осмата минута.
До тој период од натпреварот, голманот на Кил, Томас Мрква, имаше три интервенции, додека голманот на Магдебург, Сергеј Хернандез, се уште ја чекаше првата одбрана. Магдебург никако не можеше да се разбуди и влезе во уште поголема криза. Европскиот првак од 2020 знаеше како да ги казни грешките на ланскиот освојувач и речиси по петнаесетина минути игра дојде до солидна позитива од плус пет, 12-7.
Магдебург остана без Кристијан О’Саливен, кој доби директен црвен картон поради стартот во лице над Ерик Јохансон, па норвешкиот репрезентативец ја продолжи низата – четири црвени картони на четири одиграни меча во „Ланксес Арена“ досега.
Играта на Магдебург во последните петнаесетина минути од првиот дел целосно се распадна, составот на Кил веќе стигна до убедлива позитива од 16-9 во 20 минути и рутински ги одработи последните десет минути од првото полувреме, кое го доби со 23-14.
Предноста на „зебрите“ се искачи на девет гола на стартот на вториот дел, но Магдебург иако делуваше немотивирано, сепак успеа да се врати малку по малку на минус четири, 27-23 кога остануваа да се играат уште петнаесетина минути.
Мертенс намали на минус три, потоа и Бергендал имаше зицер, бидејќи Мрква се испречи пред него и не дозволи драматична завршница. Кил до крајот успеа да ја сочува предноста без поголеми проблеми и да слави трето место и бронза.