Тунискиот репрезентативен десен бек Ашраф Маргели би можел да биде ново засилување за македонскиот вицепрвак Вардар.
Според информациите од тунискиот новинар Рамзи Бен Тахер, Маргели е во завршни преговори со „црвено-црниот“ тим и би можел да стана вториот ракометар oд африканската земја во двократниот европски првак, по десниот бек Мохамед Бакар.
Маргели настапи за Тунис на квалификацискиот турнир за Олимписките игри и беше дел од ростерот на натпреварите против Унгарија, Португалија и Норвешка.
Десниот бек има 26 години (193/95) и ја заврши сезоната со титула во Тунис во дресот на Есперанца. Претходно има настапувано за Ал Калеј од Саудиска Арабија, како и за уште неколку клубови од неговата татковина.
Вардар досега ги потврди левите бекови Томче Стојановски и Дмитро Горига, како и десното крило Мигел Пинто, а договорите беа продолжени со најголем број ракометари од актуелниот состав.
Во „црвено-црните“ редови остануваат Лазаревски, Срдановиќ, Стојановски, Ќосевски, Георгиевски, Гогов…а заминуваат Мишевски, Карапалевски, Ѓукиќ и Томовски.