Натпреварот меѓу Прилеп и Еурофарм Пелистер 2 во рамки од последното, 14. коло од суперлигашкиот плеј-аут беше последен за капитенот на прилепчани Филип Велески, кој одлучи на 31-годишна возраст да ја заврши својата кариера и местото да им го отстапи на помладите.
Искусниот ракометар капитенската лента ја носеше во оваа сезона и со својата пожртвуваност во одбраната се однесуваше како голем борец и капитен во вистинска смисла на зборот.
Велески во сезона 2022/23, по седумгодишна пауза од терените, му се врати на ракометот и даде голем придонес Прилеп да го задржи суперлигашкиот статус.
Секогаш кога требаше знаеше да ги мотивира своите колеги да го дадат максимумот и да ги освојат посакуваните бодови. Капитенски знаеше и да ги „искара“, но и да им укаже на направените грешки.