Словенечкиот среден бек Деан Бомбач го одигра својот последен натпревар во дресот на ПИК Сегед, откако заработи фрактура на вилицата на дербито со Веспрем.
ПИК Сегед загуби на гостински терен кај Веспрем со 35-28 во првиот дуел од финалето, а шанса за поправен во серијата „подобар од три“ ќе има на домашен терен в среда.
На тој натпревар, тренерот Кристијан Карпати нема да смета на Бомбач, кој се судри со Патрик Лигетвари од Веспрем и го извлече подебелиот крај.
Покрај фрактурата на вилицата, Бомбач има ослабен слух на едно од ушите, а дополнителни прегледи следуваат од понеделник.
Засега е јасно дека нема да игра в среда, но и на третиот дуел, ако евентуално ПИК Сегед слави и израмни на 1-1.
Бомбач ова лето ги менува клупските бои во Унгарија и во наредните три сезони ќе настапува за Ѓер.