Тимот на Пролет не успеа да направи изненадување на гостувањето во Кавадарци кај Тиквеш и беше поразен со 29:25 во рамки од 13. коло од суперлигашкиот плеј-оф.
Пролет даде голем отпор во првото полувреме, имаше периоди кога го контролираше резултатот, но големиот пад во вториот дел беше причина за поразот од домашниот состав.
Тренерот на Пролет, Александар Јовиќ, кој тренерската функција ја презеде во текот на месец ноември минатата година, вели дека на тимот му е потребен поголем ростер, со цел да биде поконкурентен на натпреварите.
,,Мислам дека за Пролет самото играње во плеј-офот е успех. Одигравме доста добри натпревари во текот на плеј-офот, намачивме дел од фаворитите, но за нешто повеќе ни треба поголем ростер. Очигледно е дека имаме падови, посебно во второ полувреме кога се крши резултатот, тоа е евидентно во нашиот тим”, изјави Јовиќ.
Низ натпреварите во првиот дел од сезоната, како и во плеј-офот, завидна минутажа во Пролет имаа неколку млади ракометари како Томислав Димковски, Андреј Стојановски, Христијан Петковски…
,,Имаат минутажа младите, секако дека може повеќе, добри се, но ни треба уште еден до два искусни играчи за да бидеме тврда екипа која ќе може секого да победи”, изјави Јовиќ.
До крајот на сезоната на Пролет му претстои само уште еден меч, оној на домашен терен против екипата на Струга.
Во меч без резултатско значење Тиквеш лесно го победи Пролет