Денеска во СЦ „Борис Трајковски“ ќе се одиграат финалината од Купот на Македонија во машка и женска конкуренција. Кај мажите за Куп трофејот ќе се борат Еурофарм Пелистер и Алкалоид. Ѓорче Петров и Чаир се двете екипи кои ќе се соочат за Куп трофејот во женското финале.
Пелистерци пласманот во финалето го обезбедија со победата над Тиквеш од 32:29 во првото полуфинале, додека составот предводен од селекторот Кире Лазаров во второто полуфинале успеа да го надигра ланскиот освојувач на Купот, тимот на Вардар, со 25:24.
Битолскиот тим, кој е на прагот да ја одбрани шампионската титула во Супер лигата, последниот Куп трофеј го освои во 2005 година. Сега битолчани имаат голема шанса да го прекинат постот и по 19 години конечно да се израдуваат на трофеј во Купот, но дали ќе дојдат до остварување на зацртаната цел, најмногу ќе зависи од играта на теренот и на каква одбрана ќе наидат од страна на ривалот.
За тимот од Автокоманда пласманот во финалето е историски успех, минатата година составот на Лазаров токму од Вардар беше елиминиран во полуфиналето на Ф4 турнирот во Охрид. „Сино-белите“ и пелистерци доволно се познаваат, иако досега во националниот шампионат се сретнаа само еднаш. Вицепрвакот на првиот натпревар со Еурофарм Пелистер од плеј-оф фазата беше поразен со 35:23, додека втората пресметка меѓу составот на Лазаров и актуелниот првак ќе се одигра во последното коло во Битола.
Денешниот финален натпревар меѓу Еурофарм Пелистер и Алкалоид ќе се одигра со почеток од 19:00 часот. Три часа порано пред машкото финале, односно во 16:00 часот, ќе се одигра женското финале меѓу Ѓорче Петров и Чаир.
Ѓорчепетровки во полуфиналето играа против Куманово, тим кој во ланската сезона го освои Куп трофејот на Ф4 турнирот во Охрид. Избраничките на Симе Симовски немаа многу проблеми против ланскиот освојувач и дојдоа до убедлива победа од 31:14.
Ѓорче Петров е најтрофејниот женски тим во Купот на Македонија со 16 титули досега, последниот од нив е освоен дури далечната 2009 година, па сега „лавиците“ имаат голема можност да освојат двојна круна, која би била како шлаг на тортата за одлична сезона, во која играа и на европска сцена, а таму стигнаа до четвртфинале во Европскиот Куп.
Чаир до пласманот во финалето дојде со победата над Вардар од 32:28 испишувајќи историја, првпат ќе се бори да освои Куп трофеј. Ракометарките на Чаир иако на двата натпревари од првенството беа поразени од Ѓорче Петров (45:29, 38:34), на последната соочување покажаа дека можат да се надигриваат и на денешното финале ќе дадат сѐ од себе за да ги израдуваат своите фанови.