Металург Автокоманда на гостувањето во Битола кај Пелистер без многу проблеми дојде до победа од 33:25 во натпревар од 24. коло во Женската лига.
Битолчанки беа рамноправен ривал до првата половина од првиот дел, потоа сѐ започна да се одвива во посакуваната насока на гостинскиот табор, кој на полувреме замина со предност од 18:12.
Домаќинот на моменти парираше, но тоа беше премалку за било какво надигрување против поискусниот тим. Гостинот не дозволуваше многу напредок во играта на Пелистер и според очекувањата ги одработи вторите 30 минути.
Сара Миновска со девет и Теодора Гулицоска со седум погодоци беа предводнички во победничката екипа.
Кај Пелистер се истакнаа Наталија Дишковска, Кристина Наумовска и Сара Рујановска, сите три ракометарки постигнаа по четири погодоци.